Алтернатива Настани Ударни вести

„100 години Требениште“- Изложба во Археолошкиот музеј на Македонија

Ексклузивната изложба „100 години Требениште“, по повод еден век од истражувањата на овој локалитет кај Охрид, Археолошкиот музеј на Македонија ќе ја отвори денеска и ќе трае до крајот на август.

На изложбата ќе бидат изложени околу 400 исклучителни експонати, меѓу кои и Златните маски што се чуваат со децении во музеите во Белград и во Софија, откриени на познатата некропола Требениште. Сите тие ќе бидат презентирани пред пошироката јавност до крајот на годинава, во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје на големата меѓународна јубилејна изложба под наслов „100 години Требениште“.

Изложбата се организира во соработка со Народниот музеј од Белград и Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија.

По претставувањето во Скопје, изложбата ќе гостува и во Софија и во Белград, а потоа и во Европа. Интерес за изложбата има во Париз, Берлин, Виена и во Загреб. Изложбата е заеднички проект на Археолошкиот музеј на Македонија, Народниот музеј од Белград, Националниот археолошки институт и музеј од Софија и Заводот и музеј од Охрид.

Автори на изложбата се Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија. Таа е придружена и со каталог со 408 страници со текстови од 26 автори – музејски работници од трите држави, како и од Чешка и од Германија. Содржи детални податоци за секој од експонатите, за историјатот на откривањето и истражувањата, географијата и историографските податоци за носителите на требенишката култура и регионот во архајскиот период, како и за типолошко-стилските одлики на наодите.

Сподели: