Вести Свет

16 години од соборувањето на режимот на Милошевиќ

Сподели:

slobodan-milosevic-1

Денеска се одбележуваат 16 години од масовните демонстрации на 5 октомври во Белград, со кои заврши владеењето на Слободан Милошевиќ.

Протестите почнаа бидејќи Милошевиќ одби да ги признаe резултатите од изборите за претседател на СР Југославија од 24 септември 2000 година, на кои изгуби од кандидатот и лидер на Демократската партија на Србија, Војислав Коштуница.

Демонстрантите на 5 октомври стигнаа во Белград од цела Србија, со автобуси, автомобили и со камиони во колони долги десетина километри. Тие со булдожери ги пробиваа полициските блокади на патиштата и се собраа на платото пред Сојузното собрание во центарот на градот.

Во вечерните часови, од балконот на градското собрание на Белград, на граѓаните им се обрати новиот претседател на СРЈ, Војислав Коштуница, а наредниот ден, 6 октомври, Милошевиќ го призна избориниот пораз и му честиташе на Коштуница.

Слободан Милошевиќ беше уапсен во април 2001 година, под обвинение за финансиски малверзации, а два месеци подоцна беше испорачан на Хашкиот трибунал каде што му беше суден за геноцид во Босна и Херцеговина, воени и злосторства против човештвото во Хрватска и на Косово.

Почина на 11 март 2006 година од инфаркт, во притвор на Хашкиот трибунал.

meta.mk

Сподели: