Вести Став Ударни вести

360˚: Иницијатива на Села и Касами за уставни измени за статусот на Албанците (ВИДЕО)

Сподели:

 

БЕСА на Билал Касами достави до Владата свои предлози за уставни амандмани. Измени на Уставот за унапредување на статусот на Албанците бара и партијата на Зијадин Села.

„Некои од нив се отворени прашања, историски за албанскиот народ за кои е ангажирано Движењето БЕСА од своето основање.“, вели Кастриот Реџепи – потпретседателот на БЕСА, од крилото на Касами.

„И господинот Заев зема околу 50-60 илјади албански гласови кажувајќи дека албанскиот јазик ќе биде официјален јазик.“, вели генералниот секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари.

За партиите на Албанците кои се на власт овие барање се маркетинг на опозицијата.

„Политичка пропаганда за ситно профитирање од нивна страна на големи национални теми кои што веќе се, нели истрошени, затоа што веќе го усвоивме Законот за јазиците во Собранието на Република Македонија и тој само што треба да се објави во Службен весник со потпис од претседателот Џафери, како и господинот Иванов.“, вели пратеникот од ДУИ, Артан Груби.

„За Албанците во Македонија засега нема поголем интерес од членството во НАТО“, напоменува Орхан Муртезани, портпарол на БЕСА, од Африм Гаши.

Амандмани се пишуваат и во Алијанса за Албанците. Генералниот секретар на партијата, Арбен Таравари, вели дека не станува збор за пазарење туку за легитимни и правно издржани барања.

 

„Информиран е господинот Палмер за иницијативата на БЕСА, за нашата поддршка да се направат уставни измени. На сите им е јасен важниот и историски момент и грижата, односно внимателноста која треба да се има во овој процес и нашиот пристап е со максимално внимание, обидувајќи се да придонесеме, а не да го загрозиме процесот.“, вели Реџепи.

Американскиот дипломат Метју Палмер пред една недела се сретна со раководствата на сите партии на Албанците застапени во Собранието. Според нашите извори, за сите го имал истиот совет – да не се комплицира процесот на уставни измени за името.

Владејачките партии сметаат дека како и да одиграат Села и Касами, процесот нема да биде загрозен.

Извор: 360 Степени

Сподели: