Колумна Текстови

МИРБА ИЛИ ПОМИРБА СО ЗЛОТО? – Георги АЈАНОВСКИ

 

Иако сеуште не се доволно познати димензиите на започнатиот процес на политичко помирување, пред сѐ неговиот опфат, длабочина, неговите правни и морални аспекти, сепак од досегашните појаснувања на актуелната власт како негов иницијатор, главен мотив и намера на тој чин, бил во интерес на повисоки и државни и општествени цели е да се надминат длабоките поделби и спротивставености во македонското општество, за да се овозможи здружување на силите во совладувањето на сериозните предизвици што стојат на нашиот пат кон НАТО и ЕУ. Исто така се смета, дека помирувањето ќе придонесе за поголема сплотеност и хомогенизација на граѓанскиот демократски потенцијал, неопходен за успешното спроведување на планираните реформи.

Самиот збор помирување во македонскиот јазик означување “мирба на скарани”, односно, меѓусебно подавање рака на две конфронтирни страни, подготвени низ опрост на некое нанесено зло или неправда да продолжат да живеат во пријателство и взаемно уважување. Во секојдневниот живот, тоа претежно се однесува на пореметени односи на членови во едно семејство, на караници и расправии меѓу комшии и пријатели но, не ретко и меѓу народи и држави кои што воделе меѓусебни војни во поблиското или подалечното минато.

Во нашата народна и црковна традиција на тој благороден гест му е посветен и посебен празник “Прочка”, ден во годината кога луѓето си подаваат рака и бараат прошка за евентуални свои постапки и однесувања кои можеле да нанесат навреда или штета на другиот. Во албанското обичајно право пак, по долги векови владеење на правото на “крвна одмазда”, со давањето беса (даден збор), двете закрвавени страни, поради извршено убиство на некој член во семејството, доаѓа до нивно помирување и до откажување од примената на правото на одмазда.

Меѓутоа, зборот помирување во нашиот јазик има и едно поинакво значење кое што упатува на “свикнување, покорување пред нешто” или поточно помирливост со одредена ситуација со која сме соочени и која што се прифаќа таква каква што е. Па, така се вели “тој се помирил со својата судбина”, како израз на немоќ и способност да се дејствува кон менување на одредена состојба.

Во тој контекст, политичкото помирување би можело да се протолкува и како своевидна помирба на сегашната власт со наследените состојби во државата, која што резултира со нејзин обид, низ разни компромиси со претходниот режим да дојде до крајната цел, приемот во ЕУ и НАТО. Истовремено, тоа би значело и признание на нејзината немоќ, доследно да ги остварува внатрешните реформи, во околности кога опозицијата со помош на својата партиска структура цврсто вгнездена во речиси сите државни сегменти, брутално го блокира целиот тој процес. Притоа треба да се има во предвид, дека според некои проценки, околу 60% од вработените во државната и јавна администрација се партиски кадри и симпатизери поставени од бившиот режим, дека во полициските и безбедносни служби на клучни должности сеуште се наоѓаат лица што дејствувале спротивно на законите по налог на своите партиски штабови, дека челните позиции во правосудството и понатаму се во рацете на заколнати приврзаници на груевистичкотот владеење, како и мноштво судии и обвинители од редовите на т.н. “Сваровски” судство.

Како најсликовит пример на таквата помирба може да послужи и озлогласениот урбанистички проект “Скопје 2014”, симболот на груевизмот и антиквизациското безумие, кој што веќе две години нечепнат триумфира во центарот на градот. Сведоци сме дека освен отстранувањето на споменикот на Ќосето и дислокацијата на детскиот рингишпил од кејот на Вардар, сите други кичераи и архитектонски гадурии си стојат на своето место, сега претставувани од градските власти, дури и како своевидна туристичка атракција. Едноставно, наспроти многубројните протести и осуди, најширокото граѓанство денес е принудено да живее и да се помирува со срамот и понижувањата што му ги нанесоа грст политички шарлатани и клептомани.

Оттука, независно од неговите толкувања, општ е впечаток во јавноста, дека целиот тој процес на помирување се одвива некако изнудено, избрзано, недоволно осмислено, со можни последици спротивни од очекувањата на неговите иницијатори.

Сподели: