Музика и Филм

74. Интернационален филмски фестивал во Венеција: „Златен лав“ за Гиљермо Дел Торо

Сподели:

Мексиканскиот режисер Гиљермо дел Торо за филмот „Обликот на водата“ (The Shape of Water) ја доби наградата „Златен лав“ на 74. Интернационален филмски фестивал во Венеција.

За најдобар филм прогласено е делото на мексиканскиот автор Гиљермо дел Торо „Обликот на водата“, што претставува приказна за љубовта нема девојка и необично суштество.

„Сребрен лав“ во категоријата за најдобар режисер доби Французинот Ксавиер Легранд за филмот „Jusqu’a la Garde“. Израелскиот режисер Семјуел Моаз ја доби наградата на жирито за филмот „Фокстрот“, а специјалната награда на жирито отиде во рацете на режисерот Ворвик Торнтон за остварувањето „Слатка Земја“ (Sweet Country).

Во категоријата за најдобра машка улога е награден палестинскиот актер Камел ал-Баша за улогата во филмот „Навреда“ (The Insult), додека наградата за најдобра женска улога ѝ припадна на британската актерка Шарлот Ремплинг за улогата во филмот „Хана“.

Со прогласувањето на најдобрите остварувања и со доделувањето на наградите во Венеција заврши 74. филмски фестивал.

Сподели: