Колумна

АКРАЗИЈА (2) – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:

litovski foto

Во изминатите десеттина години видовме како нашите митомани вероподанички се молат пред своите сонца со шеснаесет краци и своите крстови, ги слават своте лавови исправени на две нозе, се колнат пред своите пиштоли, ками и отворени евангелија, се топорат со своите штитови и копја, нè трујат со своите кретенски античко-врховистички мисли и идеи… Ама, да не се лажеме, слушнавме и видовме дека покрај своите митови, тие си имаат и свои ситни и крупни материјални интереси, свои фабрики, свои земјоделски стопанства, свои банки, свои фирми, свои субвенции…

За заштита на оваа портокалова идеолошко-криминална „приказна“, изградија свои догматски „вистини“. На нив никој не смееше да им противречи, ниту да ги доведува под сомневање. Едноставно, ама лудо: тие го сметаа својот мит за врвна и непореклива „вистина“, вистина која како лек ќе се даде на македонскиот народ и тој ќе се излечи од својата дотогашна приврзаност кон комунизмот, марксизмот, демократизамот, материјализмот…, за кои сметаа дека генетски го расипуваат македонскиот човек. Фактички, овие проповедници на „античкиот дух“ кај Македонците, овие химнопојци на бугарскиот марш „Изгреј зоро на свободата“, овие почитувачи и пропагатори на македонскиот фашизам во ликот и делото на Александров, неговиот секретар и нивните многубројни слуги, овие глупави проповедници на измисленото „боженственото потекло“ на „сè што е македонско“, заедно со нивните крупни и ситни капиталисти кои ги финансираа, оваа монструозна клептоманска дружина без ум, разум и љубов за своите луѓе, ги демонизираше сите свои сонародници кои не сакаа да се согласат со нивниот националистички мит, кои се спротиставуваа на нивната десничарско-фашистичка идеологија, кои не го одобруваа нивното популистичко и фашизоидно владеење и кои не сакаа да ги аболицираат нивните кражби и разбојништва, па полека, ама сигурно, го убиваа македонизмот и Македонија.

Но сепак, глупавиот и штетен мит за „голема обединета Македонија“, освен заради широко распространетата полуписменост и оглупавеност, уште повеќе заради стравот пред портокаловата осуда, казна и изопштување од средината, беше масовно прифаќан од македонските луѓе. Така тие наши луѓе започнаа да наликуваат на молчаливи медиокритети и полтрони кои коленичат и молат пред сопствените портокалови господари, или на лудаци кои шетаат по улиците маскирани во оклопи на античката македонска фаланга, или во комитски облеки, или во црни маици со фашистички симболи. Знаете сите, зборувам за оној страв кој беше пренесуван и појачуван од безбројните звучници и медиумски репетитори плаќани од државната каса, оној страв кој ги тереше бескарактерните слабоумници, кои добиле нешто од државата, да се тресат пред арамиите од највисоките државни фотељи. Тие наши луѓе кои беа tabula rasa, постепено беа претворени во послушна заслепена толпа, во крвожедна националистичка булумента која беспоговорно присуствува на митинзи, процесии, протести, контрапротести и контрамитинзи.

Така, ја имавме „привилегијата“ да бидеме сведоци на еден, веројатно случаен, социолошки експеримент во кој едни просечни и нормални луѓе, кои откако најнапред беа прегазени од капитализмот, заразени од национализмот, поделени од омразата произведувана низ „кујните“ на портокаловите штабови, постепено беа трансформирани во луѓе со, неслушната и невидена до сега низ нашата историја, верност кон расипаноста, подмолноста, валканоста и кримогеноста на хиените заседнати по владините и директорските фотелји и наметнати со плаштот на патриотизмот. А, се знае многу убаво дека нивниот „патриотизам“ беше само лажен патриотизам, кој ги покриваше и затскриваше клиентилизмот и врховизмот. И, за жал, ако продолжи медиумско-пропагандната тортура и вулгарната масовна корупција, за очекување е да продолжи и акрастичкото однесување на голем дел од македонското граѓанство.

 

Сподели: