„АЛКАЛОИД“ ПУШТИ ВО УПОТРЕБА НОВИ ПРОИЗВОДНИ КАПАЦИТЕТИ – ИНВЕСТИЦИЈА ВРЕДНА НАД 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА

Сподели

„АЛКАЛОИД“ ПУШТИ ВО УПОТРЕБА НОВИ ПРОИЗВОДНИ КАПАЦИТЕТИ – ИНВЕСТИЦИЈА ВРЕДНА НАД 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА

Следењето на светските трендови во фармацијата и производство на ценовно достапни, квалитетни, ефикасни и безбедни лекови кај кои заштитниот знак на „Алкалоид АД“ е синомим за високото ниво на квалитет и сигурност, се принципите кои се цврсто втемелени во корпоративната политика на компанијата. Доследно придржувајќи се до годишниот план за капитални вложувања за 2017 година (CAPEX), „Алкалоид АД Скопје“ успешно ги реализираше планираните инвестициски активности во нови производни капацитети во рамки на профитниот центар Фармација.

Во присуство на претставници на менаџментот на „Алкалоид АД Скопје“, компанијата официјално предаде во употреба три инвестициски проекта: Погон за производство на полу- цврсти фармацевтски форми (масти, креми, гелови и вагитории); Централна Вагална 2 и Одделение за пакување на цврсти фармацевтски форми. Новите производни одделенија се простираат на површина од 1000 м2 а вредноста на оваа нова инвестиција на „Алкалоид АД Скопје“ изнесува над 2,5 милиони евра. При изведбата на сите овие проекти, имплементирани се најсовремените стандарди за Добра Производна Пракса (GMP). По повод официјалното пуштање во употреба на новите инвестициски проекти, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид АД Скопје“, г. Живко Мукаетов изјави:

„Присуството на компанијата на пазарите во над 30 земји во светот и постојаното тежнеење кон отворање нови пазари и нови перспективи, налага внимателно следење на трендовите од областа на здравството и фармацијата и нивно имплементирање во секојдневното работење. За таа цел, инвестициите во нови капацитети, технологија, знаење и кадар ќе продолжат да бидат императив во нашите секојдневни операции. Хуманата програмско производна определба насочена првенствено кон крајните корисници е начелото според кое се водиме и ќе продолжиме да се водиме во секојдневните операции, при тоа строго внимавајќи на кредибилитетот и професионалниот пристап кои ги практикуваме и спроведуваме во севкупното нашето работење“. Детали за инвестициските проекти: Погонот за производство на полу-цврсти фармацевтски форми (масти, креми, гелови и вагитории) зафаќа површина од 460м2 чисти простори во кои се одвива комплетниот процес на вагање на суровините, подготовка на полу-производи како и дозирање и пакување на готови производи. Вкупната вредност на овој зафат изнесува околу 1,4 милиони евра, а вредноста на инсталираните хомогенизатори со кои се обезбедува подготовка на сите типови на полу-цврсти фармацевтски форми изнесува близу 400,000 евра. Со оглед на специфичноста на процесите во овој производен сегмент, одделот за инвестиции на компанијата особено водеше грижа за подигнување на нивото на безбедност на вработените и обезбедување на висок квалитет на производите во процесот.

Централна Вагална 2 е инвестиција која се простира на површина од 240 м2 и за која компанијата алоцираше 600,000 евра за опрема и капацитети. Опремата се состои од систем за вагање кој служи за контролирање, мониторирање и менаџирање на процесот на мерење на активните и помошните супстанци кои влегуваат во составот на цврстите фармацевтски форми. Како влезна точка на производниот процес, истата е интегрирана со САП/ЕРП системот на Алкалод АД Скопје.

Одделението за пакување на цврсти форми зафаќа површина од 300 m2 на кои се инсталирани две производни линии и тоа: линија за блистер пакување и линија за стрип пакување на цврсти фармацевтски форми. Вредноста на овој проект изнесува 500,000 евра.