Вести Македонија Ударни вести

АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА: Има пречка за разрешување на Зврлевски

Сподели:

Државната комисија за спречување корупцијата одговори на барањето на ВМРО-ДПМНЕ и даде свое мислење во однос на законитоста на постапката за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Антикорупционерите едногласно заклучиле дека тоа би било спротивно на Изборниот законик. Според нивното толкување, со членот 8-а став 1 од овој закон се забранува да се именуваат или разрешуваат функционери откако претходно ќе бидат распишани избори. Во овој случај станува збор за локалните кои спикерот Талат Џафери ги распиша на 6 овој месец. Опозицијата веднаш потоа соопшти дека веќе има законска причина да запре постапката за разрешување на Зврлевски и таа да биде во мирување сè до завршувањето на изборите на 15 октомври. Антикорупционерите објаснуваат дека нивната одлука е во контекст на претходно дадени мислења.

„Како и за претходните изборни циклуси ние одлучивме дека не треба да има ниту именувања, ниту разрешувања по распишување на изборите. Тоа беше мислење во четири или пет изборни циклуси, на тоа мислење остануваме и овој пат.“ – соопштија од Антикорупциската комисија

Ова мислење во Собранието било испратено вчера. Спикерот Талат Џафери пак, во една прилика изминативе денови, најави дека какво и да биде мислењето на антикорупционерите, тој нема да ја прекине седницата за разрешување на Зврлевски. „Немам намера како претседател на Собранието да се обраќам на каков било друг орган кој ќе кажува како треба да работам, кога тоа јасно го кажува Деловникот и Уставот“, истакна Џафери на една од собраниските седници.

Сподели: