БЕССОНА ПЕСНА – Александра СПАСЕСКА

Сподели
aleksandra-spaseska
Бессона песна
таа знае како му се будат трепките
во млечната белина на нејзините утра
над кои не се надвиснати расквасени облаци
обликот на горната усна му го знае
кога му заигрува во погана насмевка
кога се враќа уморен, а снажен
пет капки крв на нејзината перница
како му затреперува раката таа знае
кога денот го притиснал в ребра
и ене го свиен, готов е да заплаче ко дете.
пет капки крв на нејзината перница
здивот на мене кога му мириса
и раката негова уморно се спушта на нејзината коса
таа знае сè што не знам јас.