Брисел: Средба по повод проектот за насилството врз жената

Сподели

Денес во Брисел се одржа промотивна средба како заокружување на проектот против насилството врз жената во земјите од Западен Балкан и Турција, кој беше започнат од страна на Европската Унија (ЕУ) и Обединетите нации (ОН), јавува Anadolu Agency (AA).

Денес во Брисел се одржа средба под наслов „Крај на насилството врз жената од Западен Балкан и Турција“.

Регионалниот директор на одделот за жени при ОН, Алиа ел Јасир, во своето обраќање на отворањето на средбата даде генерална оцена за проектот и ја истакна значајноста на тригодишната програма на ЕУ и ОН, спроведена во Македонија, БиХ, Црна Гора, Косово, Србија, Албанија и во Турција.

Ел Јасир во своето обраќање рече дека за спроведување на програмата, Европската Унија распределила буџет во висина од 5,5 милиони евра, со цел во споменатите земји од Западен Балкан и во Турција да се побара примена на стандардите во законските прописи и ставање крај на насилството врз жената. Таа истакна дека за таа цел, потребно е да се смени свеста кај луѓето и да се зголеми застапеноста на жените.

Директорката на одделот за соседство и проширување на Европа за Западен Балкан, Џеновева Руиз Калавера, во своето обраќање истакна дека насилството врз жената претставува глобален проблем и додаде: „Според истражувањата спроведени во ЕУ, од четири жртви на насилство, една е жена. Тоа е загрижувачка ситуација“.

Калавера рече дека за спречување на насилството врз жената, потребно е во потполност да се спроведе Договорот од Истанбул, истакнувајќи дека по тоа прашање, треба да се започне со едукација на заедницата уште од детска возраст.

Амбасадорката на Естонија во ЕУ, Каја Таел, соопшти дека во периодот кога Естонија ќе го преземе 6-месечното периодично претседавање со ЕУ, предност ќе им биде дадена на темите за родовата еднаквост и насилството над жената.

Амбасадорката Таел истакна дека многу е важно заедничко делување на локалните власти, националните влади, меѓународните организации и невладини организации во борбата против насилството врз жената. „Во сите земји треба да се спроведат студии за развивање на културната свест. Еден од основните проблеми во светот е отфрлање и неприфаќање на насилството врз жената“, рече Таел.

Амбасадорката Таел информираше дека во Европа, само една од 10 жени жртви на насилство го пријавува случајот во полиција.

Дубравка Симоновиќ, специјална известувачна на ОН за насилство врз жените рече: „Насилството врз жената претставува прекршување на човековите права“.

Симоновиќ информираше дека меѓу целите на ОН за одржлив развој 2030, главно место заземаат родовата еднаквост, еманципацијата на жената и прекинувањето на насилството врз жената.