Данска од август забранува носење бурка и никаб

Сподели

Данскиот Парламент усвои закон кој предвидува забрана за носење бурка и никаб во јавниот простор, јавува Anadolu Agency.

За забраната за носење облека што го покрива лицето гласаа 75 пратеници, додека 30 беа против. Во Данска од минатата година се води расправа за воведувањето на оваа забрана која ќе стапи на сила од август.

Оние кои нема да се придржуваат до овој закон ќе бидат казнети со парична казна од 135 евра. За оние кои ќе го прекршат овој закон повеќе од четирипати секој нареден пат ќе бидат казнувани со по 1.350 евра.

Министерот за правда, Сорен Папе Поулсен, објасни дека полицијата на терен нема да бара од лицата што носат бурка или никаб да го откријат лицето туку, по казнувањето, ќе бара да се вратат во своите домови.

Од вкупното население во Данска, кое брои 5,7 милиони жители, околу седум проценти се муслимани. Според податоците на Универзитетот во Копенхаген од 2010 година, во Данска, од 150 до 200 жени носат никаб, а само три бурка.