Денеска ќе се гласа доверба на владата на Меј

Сподели

Владата на британската премиерка Тереза Меј денеска се соочува со гласање доверба во Парламентот по синоќешниот пораз на нејзиниот предлог за Брексит, односно договорот со ЕУ за регулирање на меѓусебните однос по излегувањето на Велика Британија од европската заедница.

Долниот дом на британскиот Парламент синоќа со 432 гласа „против“ и 202 „за“, го отфрли Договорот за истапувањето на Велика Британија од ЕУ, што минатата година во ноември го постигнаа Владата на Меј и Брисел.

По одбивањето на договорот, лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин ги повика пратениците да ја урнат владата на Меј. Сепак, според аналитичари, се очекува владата на Меј да добие доверба, откако Унионистите од Северна Ирска и одметничкото крило од конзервативците се изјаснија дека ќе ја поддржат.

Меј по гласањето синоќа, изјави дека го слушнала мислењето на Парламентот, но дека е битно да се слуша и волјата на британскиот народ, што зборува дека таа веројатно ќе го почека гласање доверба пред да соопшти ново решение, односно План Б.