Вести Македонија Ударни вести

ДИМИТРОВ: Победа на меритократијата над клиентелизмот, градење институции посилни од политичките лидери

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска оствари работна средба со претставниците на делегацијата на Поткомитетот за транзиција и развој на Парламентарното Собрание на НАТО, кои се во дводневна посета на Република Северна Македонија.

Средбата беше искористена за размена на информации за постигнатите резултати во остварувањето на стратешките цели на земјата, пред се’ по потпишувањето на Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО, како и европската перспектива на земјата. Министерот Димитров во оваа прилика ги информира соговорниците за актуелните политички и економски состојби во земјата, за определбата на Владата за целосна имплементација на приоритетните реформски цели,  како и вклученоста и заложбите на нашата земја во зајакнувањето на регионалната соработка, како наш придонес кон европската безбедност и стабилност.

Осврнувајќи се на предизвиците со кои се соочува земјата на европскиот пат, Министерот како клучни ги потенцираше победата на меритократијата над клиентелизмот, градењето институции кои ќе бидат посилни од политичките лидери, борбата против корупцијата и одливот на талентирани луѓе.

Министерот Димитров изрази задоволство што посетата на претставниците на Поткомитетот за транзиција и развој на Парламентарното Собрание на НАТО се реализира во период на ратификација на Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО, што претставува јасна поддршка на нашата евро-атлантска перспектива.

Во рамките на дводневната посета, делегацијата на Поткомитетот за транзиција и развој на ПС на НАТО ќе има средби и со Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ПС на НАТО, координаторите на Пратеничките групи, членовите на Комисијата за надворешна политика и членовите на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Северна Македонија, како и со други владини претставници.

Сподели: