Алтернатива Скопје Чита

Двајца ко две лица од едно паре треба да се – Ана БУНТЕСКА

Ги подгревам старите огној
Од кои некогаш коските си ги топлевме
И врз нив полни казани љубов готвевме
За со лажици да црпиме и алчно да сркаме
Ко храна со векој да немаме видено
Дур од жештината јазиците не ни отрпнаа
Та сега ко туѓо месо во устите да имаме
И зборој кажуваме без да се разбериме
Погледни
Погледни кај ми гори
Каде во душава старата болка ми вие
И телово ме дроби ко болест да ме навјасала
Ко иљач никаде да не се наоѓа
Та со сиот неспокој од мисливе
Одбирам една и претам со неа
Низ јагленчињата во утробава
Што тлеат се’ потивко, до умирачка
Обидувајќи се да те разгорам
Да разбаботи крвта во мене
Како старото огниште среде зима
Со мирис на дрва и печени костени
Каде во совршена тишина љубов водевме
Со екот во градиве како кога врескаш од врв на планина
Дур ја вдишувам светлината од твојата зеница
Собрана во три капки црна боја
Во која уште се гушам небаре солено море изголтав
Никако да заборавам на сите ѕвезди
Кои несимнати ти останаа
И горе на небо во ноќта остинаа
Од пуста алчност да ме пазариш за три гроша
Абе пиле
Убо велеше баба ми
Два конци сам по сам
Ни едно рало чорапи не шијат
И од влажни дрва во печката топлина не бива
Од скршена чаша ни отров не се пие
Од љубов замината душа не векува
А јас улава ко шо ме дал Господ
Со глата в ѕид да се мавало
Небаре после стотина пати
Ѕидот ќе се сожали и сам ќе се урни
Не бива
Не бива сам чоек да е
Ама и не бива скинат конец на појќе места
Ниту бива снагата да ти се треси од љубов-нељубов
Синкир не е вистина она дека без секој се можи
И дека само без себе навистина сам остануваш
Убо, убо велеше баба ми
Оти двајца ко две лица од едно паре треба да се
Ама пусто
Ние двајцата излеговме две париња без лице и без грб
И ни остина и постелата и огништето
Исто ко што телата ни се ладат секој ден по малку
Дур еден ден и нив со земја не ни ги покријат
Како ние двајца љубовта
Како огништето што во пепел самува
Како душите
Како твојата
Како мојата
Сподели: