7 дена Македонија

Арсим Зеколи: Над Македонија е надвиснат политички, економски и медиумски Левијатан!

Сподели:

Единствената опција која може да биде реална и позитивна алтернатива, е враќањето на критичкиот и антирежимски курс врз ултимативната борба против криминалот и корупцијата, вели во интервју за Дојче Веле поранешниот амбасадор Арсим Зеколи.

0,,19347012_303,00

Како да се најде излез од сегашното статус кво? Дали „четворката“ го потроши кредибилитетот да бара излез од кризата? Му помина ли „рокот“ на пржинскиот Договор? Ова се само дел од прашањата за кои разговаравме со Арсим Зеколи, поранешен македонски амбасадор во ОБСЕ, Виена. Важи за длабок аналитичар, мудар промислувач на состојбите, некогаш контроверзен, но секогаш јасен и директен во соопштувањето на ставовите, што го прави посакуван соговорник и на многу претставници на меѓународната заедница, посветени на решавањето на македонската криза.

ДВ: Заврши големиот протест на „Шарената револуција“, власта е далеку од очекуваната капитулација, а сите проблеми и натаму остануваат нерешени. Што понатаму, кога и протестите и преговорите ќе стивнат?

Сѐ додека имаме ваква Влада и владеење, иднината на протестите е гарантирана, со различни интензитети. Не сметам дека протестите постигнаа преголем успех, но не би рекол дека беа безначајни и без ефект. Успехот не се постигна поради тоа што ланскиот полет на антивладино обединувачко расположение се пресврте во пропартиска приказна, од импулс на антивласт – во психоза на борба за превласт. Лани фокусот беше врз граѓаните, а по Пржино сите очи се вперија во политичарите и нивниот обид сеопштиот гнев да го канализираат и свртат кон партиска добивка и профит. Таквиот пресврт се покажа поволен за власта и сосема контрапродуктивен за опозицијата, која стана жртва на сопствените преголеми ветувања, очекувања и тактики без стратегија. Останувам реален оптимист за финалниот исход на оваа криза, но сеопштата состојба ме присилува на загриженост на краток и среден рок. Ќе се обидам да бидам непретенциозно конкретен, со предлози за како понатаму. Пред се, потребно е напуштање на наметната дефанзивност преку ставање на оваа или онаа партија во пофаворизирана положба од демократијата и општеството. Избегнување на реактивни потези и бранителски акции од типот „одбрана на СЈО“, со што и се дозволува на власта да го одредува темпото на настаните.

Тој пристап мора да се замени со агресивна офанзива за втемелување на Специјален суд. Опозициската, интелектуална и медиумска јавност треба да го зајакнат директниот притисок врз земјите членки на ЕУ и во американскиот Конгрес, преку организирање дебати со кои нашето прашање ќе биде ставено во поширок контекст на назадувањето на демократијата и подемот на автократијата, криминалот и корупцијата. Да се растовари антивладиниот вокабулар од сите баласти кои власта ги користи за дефокусирање и наместо тоа да се обезбеди концентрирано сведување на целиот пристап, ангажман и нарација врз криминалот и корупцијата. Неопходно е оживување на дебатата за Извештајот на Прибе според автентичниот редослед на рангираните проблеми, почнувајќи од реформата на тајната полиција. Тоа е прашање од круцијална важност кое сегашната опозиција на чуден начин го изостави од својата листа приоритети. Опозицијата не смее да биде таа која ќе користи вокабулар на насилство како закана. Но, мора да биде подготвена и решителна во исцртување на црвена линија, која доколку биде пречекорена од власта, ќе подразбира отпор и акција од секој вид. И тоа да го предочи јасно и предупредувачки решително пред секој дипломат од меѓународната заедница. И на крај, продемократските медиуми мора да престанат со копирање на односот кон полемиката според моделот на власта, и ја вратат дебатата на про – контра ставови во јавноста, без фетишизација на која било партија.

ДВ: Теоретски звучи интересно, но колку е изводливо во практика?

Одлично прашање и погодена дилема. Допира до сржта на сегашната конфузија, бидејќи потврдува дека ние немаме проблем со недостиг на решенија или опции за тоа што треба да се направи, туку имаме проблем со оние од кои се очекува да ги преземат овие чекори, но чинам дека не се сосема подготвени или способни да го сторат тоа. Се плашам дека пост-Пржинскиот процес го нема толку оштетено духот на отпорот, колку што ги има компромитирано ликовите, кои на така лесен начин влегоа во шемите на власта под изговор на преговори. Затоа, ценам дека е време и императивна потреба да се напушти сегашната практика на опозициска претставителност доверена на една, која било опозициска партија, и на нејзините теснопартиски комбинаторики. Истата да се замени со натпартиски, натполитички форум кој треба да понуди конкретни идеи, да обезбеди консензус за нивна имплементација и врз нив да се делегира мандат и да се довери улогата на демократски субјект, како општествен пандан на автократската и криминално киднапирана државна.

ДВ: Мислите дека постоечките партии би го прифатиле таквиот пристап?

Претпочитам да мислам за причините и мотивите поради кои не би го прифатиле, и за последиците кои би ги сноселе поради одбивањето. Ако навистина се политички писмени како што велат, овој пристап треба да го прифатат како начин за нивно преживување. Ако не, ќе го разберат подоцна како причина за колапсот на сите партиско-политички елити. Тие можеби се уште имаат енергија за празно-муабетни договори со Груевски и Ахмети, но граѓаните, секако, веќе немаат ни интерес ни разбирање за нивните оправдувања.

ДВ: Граѓанските организации, пред се, оние обединети под #Протестирам, бараат вклученост во преговорите за идните решенија и за составот на преодната влада. Има ли опозицијата енергија да направи притисок и да го овозможи тоа?

Се плашам дека самите невладини организации и движења прават превид при вршењето на својата улога и не ја согледуваат еволуцијата на нивната ролја во новосоздадената реалност, не само локална, туку глобална. Чинам дека не сакаат да разберат дека незадоволството на граѓаните веќе не е праволиниски вперено против Владата како власт, туку се повеќе е вперено против системот и естаблишментот кој произведува ваков стил на владеење. Власта умешно го користи тоа, форсирајќи ја извртената логика дека ако си невладин, тоа подразбира дека си проопозициски. Некритичноста на невладиниот сектор кон партиската опозиција, вклучително и СЈО, само допринесува кон оваа искривена слика. За жал, и однесувањето на СДСМ кон невладиниот сектор во последната година, а од скоро и на „Беса“, само ја олеснува, и пред граѓаните ја зајакнува таа апсурдна мимикрија на власта. Очекувам веќе летово, а од рана есен пожестоко да започне кампањата за претстојните локални избори кои се и онака секогаш драматични. Додајте ја на тоа реалната можност во исто време да се одвиваат и парламентарните избори – и веќе имате причина за главоболка и трепет. Во исто време се поклопуваат интересите на лицата од естаблишментот и надежите на лицата од пониските ешалони. Затоа претпочитам во оваа непознаница да пронајдам прагматична формула за искористување на огромниот број можности за исполнување на политички и општествени идеи и лични амбиции. Предноста на власта е во тоа што ги контролира финансиските, безбедносните и медиумските ресурси кои и даваат огромна предност на локално ниво. Од опозициска страна, шансата ќе биде во мудра поделба на улогите помеѓу партиите кои би можеле да се натпреваруваат на парламентарно ниво со активна поддршка од новопојавените општествени сили. На локално ниво, пак, да се даде предимство на непартиските фактори кои се појавија последните две-три години. Мислам на студентските протести, Протестирам, Шарената револуција итн. Но нагласувам, тоа не подразбира амнестирање на партиите од опозицијата од критичкиот дискурс на невладините или непартиските фактори.

ДВ: Во овој момент како да владее политичко интермецо. Исцрпени ли се можностите што ги нудеше Договорот од Пржино, но и капацитетот на големата четворка?

Дефиницијата на лудилото, според Ајнштајн, е нештата постојано да ги правите на ист начин, а притоа да да очекувате поинаков резултат. Уште поголемо лудило е доколку тие нешта се доверуваат на едни исти лица или партии. Уште пожално е да очекуваме Заев денес да испорача нешто што пред една година не успеа да го добие со над петстотини илјади снимки во пазуви, дека во Груевски ќе пронајдеме мудар водач кој ќе сврти лист на демократија, или дека Ахмети ќе почне да ги почитува своите гласачи повеќе од возачите на западните амбасадори. И на крај, зошто никој не ја соочува парадоксалната филозофија на странските дипломати кои се повикуваат на Извештајот на Прибе, во кој таксативно се наведува дека проблемот е системски. Тоа е оксимороничен пристап, во кој санација на системот барате и очекувате од оние кои преживуваат токму благодарение на тој ист девалвиран систем, корумпиран, искривен и исчашен од самите нив. Пржино е затоа исцрпено како формула и како форма, сведена на изговор за непреземање суштински чекори. Што се однесува до четворката, нивниот премолчан конензус во одбивањето за вклучување нови фактори во процесот на преговори и разрешница, само по себе потврдува дека таквиот формат е повеќе статус-кво кочница, отколку гаранција за излез од кризата. Тоа е поради споделениот страв дека вклучување на некој нов непартиски субјект ќе предизвика крак на неприродниот поредок низ кои тие ја гарантираат својата елитистичка привилегија.

ДВ: Но, се чини дека не се осамени во одбрана на ексклузивноста, бидејќи и меѓународната заедница ја забетонира „четворката“ како единствен партнер за преговори…

Пред сѐ, тоа е исход на принципите на суверенитетот на државите во меѓународните односи, во кои владите се уважуваат и комуницираат помеѓу себе. Во нормални околности, таквото партнерство е сосема нормално. Но тој однос станува бесмислен кога Владата на земјата не ги исполнува стандардите на кои се има обрзано или истите ги обесмислува низ бирократски процедури. Станува бесмислен и кога нарушените внатрешни динамики стануваат ризични и за регионот и соседството, или кога целосно е нарушен принципот на владеењето на правото. А тоа во нашиот случај е повеќе од евидентно. Односот на меѓународната заедница во нашиот случај е композит од неколку фактори кои влијаат врз нив. Делумно поради немање идеја, што е помал проблем, а проследено е со недостиг на вистинска волја за директна и решителна интервенција, што е поголем проблем. И на крај, најбитниот проблем, е фактот што на Груевски досега му успеваше поддршката за себе да ја обезбедува во политичките кругови со кои ја дели идеолошката матрица или пак преку силни финансиски лобирања, посебно во конзервативните кругови во ЕУ и во Републиканската партија на САД и одредени групации во Стејт Департментот. Значи, во оние кругови од влијание врз одредниците на нивните надворешно-политички ставови, редуцирајќи го притоа значењето на нивните овдешни дипломатски претставници. И затоа мислам дека ставот на повеќето странски дипломати е повеќе опортунистички отколку конструктивен. Со што уште повеќе ја охрабруваат власта во нејзиното аздисување и придонесуваат кон губење на поддршката и симпатиите во јавноста. Дава надеж тоа што веќе има странски претставници кои приватно потврдуваат дека добар дел, ако не и поголем дел од вината за состојбите кај нас, е поради нивните кратковиди политики.

ДВ: Кој е нашиот дел од вината?

Нашиот дел од вината е што со доминантно конзервативниот однос во политиката и општеството им го олеснуваме изговорот за третман на власта како партнер. Кога огромното мнозинство на опозициски партии, лидери и политичари култивираат однос кој е се, само не либерален, пред дипломатите се поставува дилема што подразбираме под промена: промена на власта или промена во односот кон власта. Партиските дистниктиви, имиња, симболи или духот на политичката култура во СДСМ, ДПА, Движењето на Села и „Беса“ се декларативно демократски, но се цементирано конзервативни и духовно илиберални. Во таа мерка, што навистина треба да се запрашаме кој концепт го нудат овие партии и по што би се разликувале суштински, идеолошки и општествено поразлично од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Време е сите опозициски партии да се запрашаат и да одговорат зошто никој од меѓународната заедница или нивните медиуми не ги ословува како „демократска опозиција или партија“, и покрај нивните се погласни и јасни квалификации за оваа власт како недемократска и авторитарна. Тоа ќе остане така, се додека либералниот курс не стане доминантна линија на размислување кај сите партии кои тврдат дека се демократски.

Mazedonien Arsim Zekolli

ДВ: Што треба да се преземе за да смени тој дискурс?

Тоа е дефект кој не следи од самиот зародиш. Приказната за осамостојувањето на Словенија почна со паролата „Словенија, моја држава“, а за Македонија со „Македонија, наша држава“. Не е битно што се подразбираше под наша, ниту ќе се враќаме на дебати кој е виновен за тоа. Суштината е што во нашето промислување за земјата ние се уште се водиме од политички дискурс кој го форсира мнозинството, одбивајќи да ја факторизира единката. Можеби на почетокот тоа беше оправдано поради околностите, можеби беше поради етничката доминација на една групација. Но тоа веќе не е случај ни во првиот, ни во вториот случај, бидејќи културата на жртвување на единката за добробит на мнозинството сега е општо прифатена од сите фактори. И така дојдовме во оваа ситуација, во која што колку повеќе партиите зборуваат за државата, толку повеќе единки бегаат од неа, а оние кои мислат со своја глава се редовна мета на сатанизација, те од едната, те од другата страна. Од исти причини од матриксот дека ако не си со нас, тогаш си против нас. Тоа е абсурд.

ДВ: Но, апсурд е и да очекуваме дека разни криминализирани субјекти, (за дел од нив индиции произлегоа и од „бомбите“) допрва ќе се впрегнат во борбата против криминалот и корупцијата.

Како во филмовите за мафијата, првата генерација ги зафаќа позициите во власта преку насилство. Во нашиот случај, по војните во 90-тите години. Втората генерација ја користи политиката за менување на правилата на играта, стекнувајќи материјална благосостојба. Третата генерација пак се стреми кон легализација на добрата стекнати со криминал и да обезбеди имунитет за претходните две. И токму тоа се случува кај нас. Пример е смената на министрите во ДУИ со именување на безначајни, неподготвени и бескарактерни ликови, чија единствена улога е да изгледаат убаво, да не чепкаат по копчињата и да се грижат нивните претходници да не завршат во затвор или на суд. Примерот со смената на Мијалков, Јанкуловска, па и на Груевски, дополнително разјаснува дека тоа не е случајност, туку смислена стратегија во креирање на супрадржавна елита надвор од секаква одговорност или отчетност. Но, ако ова е феномен кој е веќе виден во 90-тите низ владеењето на СДСМ и неисполнетите ветувања на Црвенковски за борба против октоподот, денеска веќе се соочуваме со вистински монструозен Кракен, или попрецизно речено – политички, економски и медиумски Левијатан надвиснат над државата.

Затоа пред нас се два предизвика како продукт на овој затворен круг. Слично како во Бугaрија и Босна, протестите се успешни во дефинирање на она што не им се допаѓа, но не се сосема успешни во нудење излез и ликови низ кои ќе бидат изведени промените. И тоа ќе води кон индивидуализација и трибализација на опозицискиот фронт. Што на крај може да води во прилог на преферирање стабилност наместо демократија, токму како што сака власта. Вториот круг е уште позагрижувачки и е поврзан со илибералниот дух кој доминира. А тоа е опасноста од раѓање на нови линии на поделба како надградба на се поистршените бастиони на партиско-идеолошки или етнички поделби, кои колку и да се опасни, сепак се дел од европскиот политички наратив. Се плашам дека опасноста од тие закани се уште не се третираат доволно сериозно од домашната и меѓународната политика. Единствената опција која може да биде реална и позитивна алтернатива, е враќањето на критичкиот и антирежимски курс врз ултимативната борба против криминалот и корупцијата како „глогов колец“ за двата наведени ризици и нивните пропагатори.

ДВ: Може ли да очекуваме реформи во општеството, од партии кои не спровеле реформи ни во своите редови?

-Ги слушам лидерите на партиите како во своите обраќања ветуваат промени. Но секогаш во воопштени црти. И Обама во својот прв изборен циклус победи врз платформата на „промени“. Но во вториот дел на тој слоган, со помали букви беше додадено „Промени, во кои ќе можете да верувате“. Тоа е таа разлика помеѓу лидер кој вдахновува верба дека промените ќе бидат по негова, а не по политичка мерка. И во тоа е проблемот со приодот на некои политичари кои ветуваат дека кога ќе дојдат на власт, платите ќе пораснат за 500-600 евра. Тоа е навреда и потценување на гласачите, преку ЕПП – затапување на нивната подготвеност да прифатат искрен пристап дека ги очекува черчиловски период на крв, пот и солзи, но за кои ќе вреди да се жртвуваат. Партиите се во добра мерка отсечени од просечниот граѓанин, и тоа не по случајност туку како практика. Што повеќе партиите одбиваат да бидат реформирани, толку повеќе граѓани ќе бидат приморани да се свртат кон популистичките ликови.

ДВ: На крајот, како ја коментирате изјавата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој се спротистави на можноста ЕУ да воведе санкции за Македонија?

Првата помисла по читањето на изјавата на Коѕијас е дека неговиот вокабулар и став ми асоцира на доминантен однос кон Груевски, по ист модел по кој Груевски се однесува коалициски кон Ахмети. Однос на бурни драми во јавноста и чудни солидарности во позадината. Противењето кон санкциите е разбирливо, со оглед на обемот и природата на грчките инвестиции во земјата и нивното влијание врз политиките на оваа влада. Во секој случај, прашањето на спорот не е приоритетно ниту во Грција, ниту кај нас. Сега не е часот во кој прашањето за името треба да биде од првостепено значење. Прво, поради можноста да повторно се најдеме во ситуација на искористување на спорот за домашно-политички манипулации и кампањи. Второ, успешната разрешница и компромис за името е можна единствено ако претходно се фокусираме на прашањето за владеење на правото и меѓуетничките односи. Тогаш разрешницата ќе биде можна без несакани нус-појави и долгорочни компликации.

 DW.COM
Сподели: