DW: ГЕРМАНИЈА – Tежок ден за етаблираните партии

Сподели

И конзервативците и социјалдемократите од парламентарните избори излегоа со големи загуби во однос на последниот изборен циклус. Ангела Меркел останува канцелар, но ќе има тешка задача да формира влада, пренесува Дојче веле.

Ангела Меркел останува германски канцелар, но денеска одржаните парламентарни избори им зададоа сериозен удар на двете водечки политички партии – конзервативната ЦДУ/ЦСУ и СПД.0

Партијата на Меркел загуби над 8 проценти од поддршката што ја имаше на изборите во 2013 година и со освоени 33 проценти од гласовите е далеку од посакуваните 40 отсто.

Тоа е втор најлош резултат во историјата на оваа партија од 1949 година досега. Особено потфрли сестринската ЦСУ која во својот бастион – Баварија освои 38 проценти од гласовите, што е за речиси 12 проценти помалку од последните избори. Најголемиот дел од гласовите на конзервативците, според првичните анализи, се прелеале кај популистичката Алтернатива за Германија.

Не се прославија ниту социјалдемократите. СПД го оствари својот убедливо најлош резултат во модерната историја на Германија со освоените 20/21 проценти, според првичните неофицијални резултати. Тоа е пад за  речиси пет проценти во однос на изборите во 2013 година.
За споредба, во 1987 година, сестринските ЦДУ/ЦСУ и СПД заедно контролираа 81 отсто од вкупниот број гласови во државата. Во 2017 година, само 54 проценти.

Bundestagswahl 2017 | FDP - Christian Lindner, Bundesvorsitzender (Reuters/R. Orlowski) Либералите на Кристијан Линднер на голема врата се вратија во Бундестагот

„Јамајка“ коалиција

Извесно е дека нова голема коалиција, меѓу двете најголеми партии, нема да има. Тоа го потврди лидерот на СПД Мартин Шулц најавувајќи дека неговата партија дефинитивно ќе оди во опозиција, со надеж дека тој и понатаму ќе ја раководи. За довербата кон Шулц, социјалдемократите ќе одлучуваат на конгрес во декември годинава.

Оттука, Меркел ќе мора да бара нов(и) коалициски партнер. „Имаме мандат за преземање на одговорноста. На тоа ќе се нафатиме со сета сила, но и со сиот мир во разговорите со другите партнери“, рече Меркел во говорот по изборите. Шулц веќе прогнозираше формирање на ткн. Јамајка коалиција, име кое произлегува од боите на три партии: ЦДУ, Либералите и Зелените- црната, жолтата и зелената. Либералите и партијата на Зелените освоија 10 односно 9 проценти од гласовите на изборите, но се далеку од идеален партнер за конзервативците. Двете помали партии имаат спротивставени ставови за серија клучни прашања, а не се унисони ни во поглед на политиките кои ги промовираат конзервативците на Меркел. Разликите се значителни во однос на законот за имиграција, во однос на регулацијата на пазарот на трудот, на заштитата на животната околина и редица други теми.

За мнозинство во новиот парламент ќе бидат потребни 316 пратеници, а оваа коалиција би имала вкупно 348, што е релативно стабилна бројка. Сепак, според некои прогнози преговорите за новата владина коалиција би можеле да потраат и до крајот на годинава.

Bundestagswahl 2017 | AfD - Weidel & Gauland, Spitzenkandidaten (Reuters/W. Rattay) Раководството на популистичката АфД

Шок од десно

Иако се очекуваше, успехот на АфД сепак предизвика шок. Деснорадикалната партија која во 2013 година за 0,3 проценти не успеа да влезе во парламентот, овојпат тоа го стори убедливо- освојувајќи 13,5 проценти од гласовите на граѓаните. Тоа значи дека ќе има околу 90 пратеници во новиот состав на Бундестагот.  Сите останати партии исклучија коалиција со АФД и извесно е дека оваа партија ќе биде изолирана во парламентот, но тоа веројатно нема да ја спречи да ја шири својата анти-имигрантска и исламофобична политика. Лидерот на АФД, Александар Гауланд изјави дека неговата партија ќе ја промени Германија и веќе најави дека ќе бара од парламентот да отвори истрага против Меркел поради приемот на повеќе од еден милион бегалци во последните години. Особено впечатливо е што АфД е втора по бројот на освоени гласови (со над 20 проценти) во покраините на поранешна Источна Германија.
Во новиот парламент продолжува и партијата на Левицата, која остана стабилна со околу 9 проценти освоени гласови.

DW