Вести Македонија Став Ударни вести

DW: Македонското здравство станува опасно по живот!

Сподели:

Раката на претходната власт сѐ уште оперира во здравството, но нивното наследство не е единствениот виновник за актуелниот хаос и трагедии, предупредуваат упатените, пишува Дојче веле.

Наместо промени, нови скандали – повторно со трагични последици. Македонското здравство никако да крене глава од хаосот кој наместо да се средува и натаму само ја „билда“ црната статистика. Еден по еден, се множат случаите со трагичен епилог со предзнак за сомнеж во системска или лекарска грешка. Состојбата кулминира со неколкуте смртни случаи на новороденчиња кои деновиве ја кренаа на нозе јавноста. Во очекување на епилогот од истрагата на надлежните кои треба да откријат што се случува на Клиниката за Гинекологија, јавноста се прашува – има ли крај на хаосот во здравството? Надлежните се правдаат, експертите критикуваат, граѓаните негодуваат и бараат одговорност:

„Крајно време е некој да одговара за овој хаос на кој сме сведоци низ годиниве. Па како да живееме во Тунгузија, а не во земја кандидат за членка на ЕУ. Дечиња умираат, а сите креваат рамена и си префрлаат одговорност. А само слушаме за реформи, милиони за ваква или онаква опрема. А реалноста е никаква, жално и трагично“, реагира скопјанката Маријана, средовечна мајка која ја сретнавме во кругот на Клиничкиот центар во Скопје.

Промените не ги расчистија проблемите

И таа, како и многумина, бара одговор зошто Македонија станува неславен рекордер по смртност на новороденчиња, зошто пациенти умираат поради недостиг од лекови и опрема, зошто болниците пропаѓаат наместо да се осовременуваат, зошто лекарите масовно бараат излез во белиот свет или во приватното здравство?

Многу прашања, малку конкретни одговори и еден куп дилеми кои не ги разјаснија ниту промените во здравството. Во вакви услови се наметнува прашањето: плаќа ли здравството висока цена поради наследениот хаос, или можеби сепак и новиот систем креира хаос? Дел од упатените немаат дилеми дека поголем дел од проблемите се последица на наследениот хаос, но одговорноста ја лоцираат и кај новите структури:

„Катастрофа! Се боревме да го смениме амбиентот, квази реформите и ступидните проекти кои доведоа до смртни последици и енормни долгови, а што добивме? Само континуитет, бидејќи де факто во здравствениот систем ништо не е сменето. Состојбата не е само наследена, нема  реална и суштинска промена, нема нови програми, туку само кадровски промени кои во поголем дел ја продолжуваат штетната политика во работењето на своите претходници. Доколку не се реагира соодветно, последиците можат да бидат посериозни, а крахот би бил неизбежен“, предупредува д-р Дејан Ставриќ, поранешен прв синдикалец на лекарите во Клиничкиот центар во Скопје.

Старо-нови бизнис релации 

Клучниот проблем, според него, е што промената на власта во најголем дел не донесла и промена на старите практики во здравството, туку единствено инсталирала старо-нови кадри на раководни функции кои директно или индиректно биле соработници или го поддржувале претходниот систем:

„Кадровските решенија се најблаго речено катастрофални, посебно директорските, кои со чест на исклучоци, во голем дел се континуитет на криминалот на ВМРО ДПМНЕ. Како во однос на набавките, така и во однос на начинот на работењето. Поголем дел од нив се луѓе со богата историја на соработка со поранешниот режим. И тоа соработка во најлоша смисла на зборот, на штета на пациентите и на здравствениот систем. Нема промена во делот на економските директори, а едно од првите ветувања беше дека тие ќе се тргнат како непотребни и скапи. Гледаме дека и во самиот кабинет на министерот нема никакви промени. Старите бизнис структури кои совршено работеа во претходниот режим на штета на здравството и пациентите, сега продолжуваат преку новите кадровски решенија, посебно на некои од клиниките. Тоа мора да запре и да се промени”, предупредува Ставриќ.

Надлежните се правдаат, инспекциите почнаа да работат

Надлежните пак се правдаат со наследени проблеми и предупредуваат дека состојбите, посебно во делот на новороденчињата се последица на недоволниот број на респиратори за дишење, инкубатори, немањето простор за интензивна нега, лошите услови, но и нарушените меѓучовечки односи меѓу лекарите. Раководството на Клиниката за Гинекологија дури и ги отвори вратите за дел од медиумите за да покаже дел од затекнатите состојби во објектот кој сѐ уште работи без технички прием:

„Тука доаѓаат од цела Македонија, персоналот е преоптоварен, преуморен. Ќе мора да се направи нешто и за персоналот и за пациентите. Ние заедно со педијатрија сме единствен референтен центар во државата каде доаѓаат предвремено родени деца со зголемен ризик и со намален имунитет и нормално е дека смртноста тука ќе биде голема. Капацитетите ни се мали, ние имаме 22 места на интензивна нега, а редовно имаме над 50 деца. Имаме и лоши деца, кои во старт се знае дека се многу лоши, но ние мора да им дадеме шанса“, изјави Викторија Јовановска директорка на Клиниката за гинекологија.

Здравствените биланси поразителни

Алармантната бројка околу смртноста на новороденчињата, која годинава достигна 127 ги разбудија надлежните. Со вонредни инспекциски контроли ќе се чешлаат не само санитарните, туку сите можни пропусти и проблеми. Вклучително и минатонеделниот случај со четирите новороденчиња кои починаа во една вечер, кој според првичните наводите на инспекција не бил последица на лекарска грешка. Според Јовановска, станувало збор за лоша среќа на дежурната лекарка која во одреден период не била присутна на работното место. Сепак, дилемите околу евентуалната одговорност ќе ги разјасни комисијата која за овој случај треба да се изјасни во четврток.

Смртноста кај новороденчињата е само дел од хроничните проблеми кои веќе подолг период се рак-рана на македонското здравство. Сите досегашни власти ветуваа многу, но правеа малку за справување со редицата проблеми кои по правило паѓаат на грбот на пациентите, но и на медицинскиот персонал. Во вакви услови и не чуди што во сите рангирања на релевантните меѓународни здравствени организации Македонија е постојано некаде кон дното. 

DW, Став

Сподели: