Вести Свет Ударни вести

Етиопијан ерлајнс ги приземји преостанатите авиони „Боинг 737 Макс 8“

Сподели:

Етиопијан ерлајнс издаде забрана за летање на своите авиони од типот „Боинг 737 Макс 8“ по вчерашното уривање на авионот од ваков тип, при полетувањето од аеродромот во главниот град на Етиопија, Адис Абеба – пренесува Дојче веле.

Во несреќата загинаа 157 патници и членови на екипажот на авионот. Авиокомпанијата соопшти дека како мерка на претпазливост ги приземјила четирите преостанати авиони „Боинг 737 Макс 8“.

Истрагата на причините за вчерашната несреќа е во тек.  Покрај националниот авиопревозник на Етиопија забрана за летање на релативно новиот модел на авиони на американската компанија Боинг воведоа и кинеските авиосообраќајни власти. Тие изјавија дека ова е веќе втора несреќа за кратко време на авион од ваков тип. Имено при уривањето на „Боингот 737 Макс 8“ на индонезиската компанија Лајон Ер, во октомври минатата година, загинаа 189 лица. Кај двете несреќи има сличности – соопштија кинеските власти.

Во меѓувреме, Меѓународната организација за миграции (ИОМ) соопшти дека Обединетите нации и нивните агенции денеска ќе ги спуштат знамињата на половина копје по информациите дека 19 вработени во организации поврзани со ОН загинале во несреќата на етиопскиот авион. Во соопштението се наведува дека меѓу тие организации се Светска банка, Меѓународната унија за телеомуникации, Програмата на ОН за животна средина и други.

Во падот на авионот загина и Германката Ан-Катрин Фајгл, вработена токму во ИОМ, беше наведено во соопштението.

Според извештаите во авионот имало патници од 35 земји. Некои од нив летале на самитот на ОН посветен на животната средина, кој денеска почнува во кенискиот главен град, Најроби.

Сподели: