Фармерот Душко Илиевски бара политички азил, полицијата не му издава пасош

Сподели

Dushko-Ilievski

Битолскиот фармер Душко Илиевски бара политички азил во една европска држава, бидејќи како што вели, повеќе не може да ги издржи постојаните притисоци, закани и провокации што секојдневно ги трпи како од полицијата, така и од политичките неистомисленици, пренесува „Телма“.

Тој, како што вели, кон краот на овој месец договорил прием во една странска амбасада, но се соочил со проблеми, кога деновиве почнал процедура за вадење на биометриски пасош. Во битолската полиција, наводно му рекле дека не може да добие пасош, но не му кажале зошто и од кои причини.

„Барам политички азил затоа што сакам да ја напуштам ова држава, затоа ми треба пасош. Врз мене се врши тортура, ова повеќе не можам да го издржам. Од 2008 до денес немаат запрено – вели фармерот Душко Илиевски.

Тој тврди дека полициски инспектори постојано го бараат на телефон за да се јави во полициска станица, каде се појавил еднаш, откако бил повикан поради фарбањето на фасади за време на протестите на „Шарената револуција“.

Илевски се сомнева дека нешто повторно му се подготвува, бидејќи вчера забележал двајца полициски инспкетори, кои како шти вели, заедно со еден член на владејачката партија фотографирале во нивата каде работел.

Случајот, вели го пријавил и во Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Фармерот Душко Илиевски, заедно со неговит татко и брат во 2010 година беа уапсени и обвинети дека наводно одгледувале марихуана во нивната нива. Тие поминаа и 12 дена во притвор, а подоцна со правосилна пресуда беа ослободени од обвинение.

Тие добија отштета од 6.000 евра, но Илиевски и неговото семејство бараат 80.000 евра поради што ја тужат државата.