Магазин Наука и Технологија

Галаксијата Андромеда снимена во рентгенски зраци

Сподели:

Со помош на телескопот за набљудување на рентгенски (Х) зраци НуСТАР, беше снимен дел од нашата наблиска спирална галаксија Андромеда. Во неколку набљудувања се забележани четириесеттина извори на Х зрачења кои потекнуваат од бинарни тела составени од една „класична“ ѕвезда и една црна дупка или неутронска ѕвезда каде од класичната ѕвезда се одзема материјал и се акумулира околу црната дупка односно неутронската ѕвезда. При акумулација на материјата во близина на овие многу густи и масивни тела, под влијание на големата гравитација материјата се вжештува на многу висока температура и со тоа зрачи во Х зраци.

an1

Андромеда галаксија

Мозаик од снимките кои се снимени делови од Андромеда галаксијата. Позадинската фотографија е снимена во ултравиолетово зрачење (с) NASA/NuSTAR/Galex

Со овие истражувања ќе се добие подобро познавање за развојот на Универзумот, галаксиите и ѕвездите во нив. Според анализите овие бинарни тела играат клучна улога во загревањето на гасот од кој се создале првобитните ѕвезди, а со тоа и првите галаксии. Андромеда претставува единствената спирална галаксија покрај нашата на која можат да се истражуваат овие егзотични тела.

Хабл откри огромно ѕвездено хало околу Андромеда.

Андромеда галаксијата е нашиот најблизок сосед од големите галаксии. Грандиозната спирална галаксија која се состои од барем 200 милијарди ѕвезди е слична на нашата галаксија Млечен Пат. Иако е на оддалеченост од 2,5 милиони св. год. таа сепак може да се види со голо око како издолжена маглинка на есен и зима. Но доколку би можеле да го приметите ова многу бледо ѕвездено хало, тоа би било 80 пати поголемо од дискот на полната Месечина.

Андромеда хало

На сликата е претставено графички процесот кој бил искорисен за ова откритие (с) NASA

Се претпоставува дека ѕвезденото хало со кое е обвиена Андромеда содржи исто толку ѕвезди колку и самата галаксија. Астрономите ја забележаа оваа огромна структура мерејќи го спектарот од светлината кој доаѓа од далечните квазари. Таа далечна светлина кога поминува низ гасот и правот на ова хало остава впечатлив сигнал. Ние и порано знаевме за постоењето на хало околу Андромеда, но сега со попрецизни мерења се открива дека нејзиното хало е 6 пати поголемо и 1000 пати помасивно отколку што се знаеше претходно. Ова откритие може повеќе да ни го објасни процесот на формирање на спиралните галаксии кои впрочем се најчестите видови на галаксии во Универзумот како и нашата Млечен Пат.

(Астрономски центар Орион)

Сподели: