ГРАД СКОПЈЕ: 21. март – „ЕВРОПСКИОТ ДЕН НА УМЕТНИЧКА КРЕАТИВНОСТ“

Сподели

Во рамки на активностите на проектот „КРЕАРТ“ – Мрежа на градови за уметничко творештво (CreArt – Network of Cities for Artistic Creation), Градот Скопје организира голем број културни настани за одбележување на 21 Март – „Европскиот ден на уметничка креативност“. 

Град Скопје од 2017 година стана партнер во Креарт (Мрежа на градови за уметничко творештво)  што претствува  европска мрежа составена од градови и од јавни и приватни културни институции. Целта на проектот е да одговори на одредени потреби што ги споделуваат европските културни институции и уметници: да го максимизираат економскиот, социјалниот и културниот придонес кој визуелните уметности можат да ги направат со подобра поддршка на уметниците, менаџерите, индустријата и пошироката јавност, овозможувајќи им да креираат, изложуваат и да уживаат во уметничките дела, како и да добијат пристап до обуки преку семинари, резиденции на уметници, работилници и истражувачки програми. Лидер на проектот е градот Валадолид од Шпанија, а  проектот го сочинуваат 12 партнери.

Првиот настан ќе се одржи на 21.03.2018 година во Музеј на град Скопје, каде што ќе биде отворена изложбата на дела од 9 млади уметници насловена „ПОРТАЛИ“. Потоа следуваат отворени студија и едукативни работилници насловени како „Re TEX“, на коишто ќе учествуваат студенти од факултетите за редизајн на мебел со рециклирани материјали, на 24. и 25 март.

На 25 март 2018, од 10 до 14 часот, во Салон 2 во Музеј на град Скопје ќе се одржи едукативна работилница за деца со рециклирање материјали (во соработка со ОУ „Максимилијан“),а на 28 март во 19 часот, во Салон 2 во Музеј на град Скопје ќе се одржи отворена  дебата на млади ликовни уметници со галеристи насловена како „ArtTalk“.

Одбележувањето на Европскиот ден на уметничка креативност ќе заврши на 2 април 2018 година со изложба на плакати од графичките дизајнерки Маријана Иванова и Симона Трипкова со наслов „Калеидоскоп“ во 19 часот во кафе бар „Љубов“ во ТЦ Порта Буњаковец.

Со приклучување кон мрежата на градови „КРЕАРТ“, Град Скопје внесува иницијативи во културниот живот во Скопје во полето на визуелните уметности преку воспоставување нови меѓународни партнерства и размени, а истовремено  им овозможува учество на уметниците и кураторите од Скопје во програмските активности кои се оддржуваат  во  градовите-партнери во проектот.