Вести Македонија Став

Хелсиншки комитет: Органите на прогонот сè уште соодветно не ги третираат делата од омраза

Сподели:

Уште еднаш укажуваме на потребата од преземање сериозни мерки за спречување на делата од омраза, не само откако делото ќе се случи туку и превентивно односно преку санкционирање на употребата и ширењето на говорот на омраза, апелираа од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија.

Изразуваме жалење за загубениот живот на младото момче Н.С.(21) кое вчера им подлегна на повредите со кои се здоби на 29 јуни, откако беше нападнат и брутално претепан од три лица, наведе Хелсиншкиот комитет, најстрого осудувајќи го настанот.

Во соопштението на Комитетот, се нагласува дека се несомнени последиците од несправувањето со говорот на омраза, укажувајќи дека тоа е нешто што досега во многу случаи се потврди, но, како што велат од Хелсиншкиот комитет, за жал не сме сведоци на бескомпромисноста во борбата против овие дела.

– Имено, Основното јавно обвинителство сè уште не постапува по допрен глас за случаи на говор на омраза, иако јавноста редовно реагира и укажува на случаи на говор на омраза особено на социјалните медиуми. Уште повеќе, нашите согледувања говорат дека органите на прогонот сè уште соодветно не ги третираат делата од омраза туку најчесто ги водат како полесни дела, односно прекршоци, констатира Комитетот.

ХКМ информира, дека во изминатите шест и пол години (заклучно со мај 2018) има регистрирано вкупно 443 инциденти и дела од омраза, кои во најголем процент се случиле помеѓу малолетници (до 18 годишна возраст) или млади луѓе поради етничката припадност (нетрпеливост) на жртвата или сторителот.

– Статистиката за загрижувачкиот број на случаите како и основите, редовно се објавува со цел да се укаже дека не се доволни само декларативни заложби против говорот на омраза и делата од омраза туку дека е потребно полицијата и обвинителството најпрво да започнат со препознавање и регистрирање на делата од омраза за да можат понатаму соодветно да ги казнат сторителите, заклучи Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Сподели: