Интервју Текстови Топ теми Ударни вести

ИНТЕРВЈУ СО ПРОФ. Д-Р САШКО ЈОВЕВ – КАРДИОХИРУРГ

ДЕНЕС: Господине Јовев, важите за еден од водечките македонски кардиoхирурзи, кој што иако релативно млад, остварил видни постигнувања во областа на кардиохирургијата. Која е вашата потесна оперативна специјалност и каде ги усовршувавте претходните знаења?

 

Проф. Д-р ЈОВЕВ: Ви благодарам за убавиот вовед. Мојата потесна специјалност во моментов е возрасната кардиохирургија, особено коронарните и валвуларните болести, како и заболувањата на аортата и лакот на истата. Инаку, специјализациите по општа и торакална хирургија како и сѐ што беше неопходно за да станам Професор на Медицинскиот факултет, ги завршив на хируршките клиники во Скопје, а субспецијализацијата по кардиохирургија ја обавував во Германија, Швајцарија, Бугарија и Израел. Имав можност да работам на повеќе Универзитетски кардиохируршки клиники и да видам и учам од вистински асови во професијата.

 

ДЕНЕС: Кој беше решавачкиот момент да се определите за медицината и посебно за кардиохирургијата? Дали од денешен аспект би направиле поинаков професионален избор?

Проф. Д-р ЈОВЕВ: Медицината сум ја ценел отсекогаш, посебно како хумана струка, но изборот, со оглед на тоа што завршив во скопската гимназијата Корчагин, падна релативно неочекувано, помеѓу сосем различни интереси, во прв ред електротехниката и политичко-правните науки. Но, за изборот на кардиохирургијата, никогаш немав дилема. Од денешен аспект, не би направил поинаков избор.

 

ДЕНЕС: Обично се смета дека хирурзите се имуни од емоции при вршењето на својата работа. Какво е чувството на еден оператор по успешно извршената интервенција и сознанието дека помогнал да се спаси човечки живот?

Проф. Д-р ЈОВЕВ:  Хирурзите не се имуни на емоции. Само, добрите хирурзи ги оставаат емоциите за после исходот од завршената работа. А, тоа се учи, впрочем како и сѐ. А, убавината на чувството после спасување на човечкиот живот….верувајте тешко може да се долови.

 

 ДЕНЕС: Пред само триесетина години операциите на срцето спаѓаа меѓу најризичните и наjопасни зафати. Сведоци сме, меѓутоа, дека денес повеќето од тие операции станаа речиси рутински и доста безбедни. На што се должи таквиот напредок и во кои насоки моментално е насочено вниманието на современата кариохирургија?

Проф. Д-р ЈОВЕВ:  Одлична констатација. Иако најтешка, кардиохирургијата денес е една од најбезбедните гранки. Тоа се должи на извонредниот напредок на технологијата и фармакологијата, а најмногу на професионализмот на кардиохируршките тимови. Но, и тоа требаше да се научи, токму овие триесетина години.

 

ДЕНЕС: Каде, според Вас, можеме да ја рангираме македонската кардиохирургија и дали таа приближно е на нивото на светските стандарди?

Проф. Д-р ЈОВЕВ: Искрено и совесно би можел да констатирам дека нашата кардиохирургија е приближно еднаква на светските стандарди.

 

ДЕНЕС: Во нашата јавност е создадено мислење дека единствено клиниката на Жан Митрев е оспособена за посложени операции на срцето. Какви се досегашните искуства и резултати во вашата болница? Кои од тие интервенции би ги издвоиле како посебно иновативни и ретки во наши услови?

Проф. Д-р ЈОВЕВ: За разлика од претходно, морам да забележам дека оваа констатација е грешна. Таа се должи само на долгогодишното непостоење, заради неоправдани причини, на државната кардиохирургија. На нашата клиника се работи севкупниот дијапазон на кардиохируршки операции, вклучувајќи ги и најкомплицираните и најтешките, како на пример, целосна замена на асцендентната аорта, лакот на аортата и торакоабдоминалната аорта, сложени реконструкции на срцевите залистоци и специфични срцеви состојби кои побаруваат хируршки третман. Понатаму, ќе споменам уште две работи: кај нас се работат најтешките пациенти, со многу коморбидитети, со многу висок индекс на ризик, а од неодамна први започнавме и со употреба на таканаречената ЕКМО машина, еден вид на вонтелесна подршка на организмот чие што срце, бели дробови или обете, се инсуфициентни, неспособни за извршување на својата функција. Тоа е машина која надвор од организмот го заменува неговото срце , се додека истото со помош на истата и со помош на фармаколошка подршка, не се опорави. Нашата институција е државна и Универзитетска и со самото тоа е јасно дека се работи најтешката патологија, како и секаде во светот, на Универзитетските клиники.

 

ДЕНЕС: Долги години се зборуваше за создавање на модерен кардиохируршки центар во рамките на државната болница, во кои што би се обединиле сите клинички потенцијали за неговото ефикасно функционирање. Слободно може да се констатира дека неговите основи веќе се поставени и дека под ваше раководство тој центар успешно функционира. Какви се вашите проекции за неговиот натамошен развој и дали имате поддршка во таа насока?

Проф. Д-р ЈОВЕВ: Да, конечно е оформен и веќе со полна пареа работи. Постои комплетен обучен македонски тим и се работи на создавање на нови специјалисти. Точно е исто така, дека веќе започнува да ги обединува сите клинички потенцијали. Проекциите за понатамошниот развој се, да добиеме малку повеќе простор, повеќе кадар кој ни е апсолутно неопходен и повеќе буџет од фондот за здравство како за единствена државна кардиохирургија. Проекции имаме и за развиток на специјалноста во правец на лекување на пациенти со срцева слабост, т.е. за поставување на таканаречените асист дивајси, уреди кои ја потпомагаат срцевата работа и за започнување со проектот за трансплантација на срце. Тоа се последните две работи кои останаа во медицината, хирургијата кај нас, а за кои сеуште се одлеваат големи средства во странство. Индиции за подршка за сите горенаведени работи веќе имаме, останува следната година да видиме. Искрено се надевам дека во овој правец ќе биде бериќетна за нас.

 

ДЕНЕС: Вашата институција е Универзитетска клиника за државна кардиохирургија. Тоа значи дека сте при катедрата за хирургија и дека имате наставен персонал и дека можете да вршите едукација?

Проф. Д-р ЈОВЕВ: Да, нашата клиника е Универзитетска, при Медицинскиот факултет. И припаѓаме на катедрата по хирургија на Медицинскиот факултет, ги изведуваме предавањата по кардиохирургија за студенти и специјализанти, студентскиот и специјализантскиот стаж и изведување на испити студентски, како и комплетна специјализација со специјалистички испити. Во моментов сум јас Професор, но имаме 3 субспецијалисти кои се на докторски студии и кои се асистенти на факултетот, така да набрзо ќе промовираме и други наставни кадри .Исто така,  ангажираме и визитинг предавачи од познати странски институции. Ние сме единствената институција при УКИМ, а друг наставен кадар во Републиката од оваа област не постои.

 

ДЕНЕС: Која е вашата се уште неостварена цел во професијата? Што ве дели од нејзината реализација и дали верувате дека и таа ќе биде постигната?

Проф. Д-р ЈОВЕВ: Како да го дадов одговорот во последното прашање, формирање на оддел за хируршко лекување на срцева слабост ( асист дивајси и срцева трансплантација ). Сигурен сум дека таа ќе биде постигната, со оглед на новиот ветар на подршка од одговорните институции.

Соња Ајановска Деловска

Сподели: