Вести Македонија Ударни вести

Изгласана е доверба на Владата

Сподели:

Владата на Република Македонија вчера ја доби довербата од пратениците. Четириесет гласови „за“ недоверба на Владата беа од опозицијата, 62 пратеника од владејачкото мнозинство гласаа „против“ недоверба, а воздржани беа двајца пратеници – од БЕСА и од Алијанса за Албанците.

Интерпелацијата ја иницираше  ВМРО-ДПМНЕ, која за оваа седница го прекина бојкотот и се врати во Парламентот.

Експремиерот Никола Груевски кој говорот го почна со заклучок дека „По утрото се познава денот“ зашто, како што рече,  „Со чин што наликува на државен удар се назначи претседател на Собранието“.

Тој ја обвини владејачката коалиција за лоша економија, скандалозна надворешна политика и десетмесечно владеење без ниедена реформа.

– Демагогија е кога 22% работоспособни бараат работа и кога нема ни странски, ни домашни инвестотири, а оваа влада се труди да објасни дека заштедила на патни трошоци, рече Груевски, кој зборувајќи за економските политики од неговиот мандат рече дека за десет месеци тие „се доведени на колена“ и дека одлично образован кадар за економија и странски инвестиции е заменет со несоодветни личности.

–   “За разлика од нас, оваа влада само филозофира за економија. Наместо со нови конкретни иницијативи, се занимава со маргинални прашања и е посветена исклучиво на прашањето за смена на името на државата со спуштени преговарачки позиции како никогаш досега…. Ова е трчи-лажи влада која секому му ветуваше што сака да чуе. Влада која верува и се надева дека на следните избори меѓународната заедница ќе им излегализира нов изборен криминал затоа што ќе ги рапсорадат националните интереси.  Не се свесни дека ќе доживеат сериозен дебакл”, рече Груевски.

Опозициската партија ја побара седницата за гласање доверба за да ги изнесе, како што образложи, своите аргументи според кои оваа Влада е недемократска и неспособна. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во излагањата обвинија за партизирање на институциите, за бркање од работа на професионалци и нивно деградирање, обвинија за „распродавање и негрижа за прашањата од национален интерес,  заробено судство, луксузирање на владините функционери со пари на граѓаните, политички реваншизам“, а како погубни ги оценија и економските политики, а Планот 3-6-9 според нив доживеал колапс.

Премиерот Зоран Заев во обраќањето пред гласањето рече дека внимателно ја следел денешната седница за да слушне забелешки но, рече, не слушнал аргументи.  Истакна дека Владата наследила тотален колапс,  долг од 280 милиони евра, последици од владеење кои биле закани по системот на институциите.

–  “Исправени бевме пред неопходноста од темелни реформи и преобразба, рехабилитација на општеството и државата, а за тоа е неопходно време и вклученост на сите политички фактори.  Системот мора да се регенирира од внатре, не може да се случи однадвор”, порача Заев.

Апелираше на инклузивност и конструктирвност во спроведување на реформите за Република Македонија да биде членка на НАТО и ЕУ, со достоинствен живот за сите граѓани и да биде едно општество за сите.

На критиките во однос на Планот 3-6-9 одговори дека е постигнат 96 отсто и дека нема поголема потврда од, како што рече, најавената чиста препорака за отпочнување преговори со ЕУ.

– “Нема подобра потврда за успехот на Планот 3-6-9 од она што го најави Европската комисија во својата стратегија за проширување со земјите од Западен Балкан. Најавена е чиста препорака за Македонија за отпочнување преговори и согласно успехот во затворањето на политичките прашања, вклучително и прашањето за употреба на името со Грција. Македонија може да очекува одлука за започнување на преговори. Останува да заврши собраниската постапка на последните предлози за измени и дополнување на неколку законски решенија од правосудството и другите реформи во Македонија”, рече Заев.

Во однос на обвинувањата за економијата, премиерот рече дека успешност е тоа што крајот на годината покажал најголема стапка на реализација на капиталните инвестиции.

– Реализиравме 83,6% од капиталните инвестиции проектирани во Буџетот. Ова претставува најголема реализација на капитални инвестиции од 2013 година. Да, дел од тие инвестиции плативме глупости од „Скопје 2014“… Ја потрошивме зимата на планови и проекти. Пролетта ќе биде економска офанзива за Република Македонија. Амбиентот е создаден, пријатели се изградени, апсолутно сме посветени. Верувам дека и со придонесот на опозицијата овде, во Парламентот, тоа ќе биде дополнителна мотивација за максимална реализација на буџетот и програмите на Владата, посебно капиталните инвестиции кои се многу значајни за севкупниот раст, рече, меѓу другото, претседателот на Владата непосредно пред гласањето.

 

Според координаторот на СДСМ Томислав Тунтев, обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ се изобилство од паушални и невистинити констатации, кои не се поткрепени со објективни и мерливи критериуми. Барањето за гласање доверба на Владата, пратениците од владејачкото мнозинство го оценија како „очаен обид на опозицијата да си најде оправдување да се врати во Собранието“.

ВМРО-ДПМНЕ отсуствуваше од пленарните седници и од работата на сите собраниски тела од средината на декември поради притворањето на шест нивни пратеници осомничени за насилните настани на 27 април.  Учествуваа само на седницата за Законот за употреба на јазиците на 14 март и потоа повторно се исклучија од работата во законодавниот дом. Во собраниските клупи седнаа за новогодишното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов и за обраќањето на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во јануари.

Сподели: