Колумна

ЈА САКА ЛИ НЕКОЈ ОВАА ЗЕМЈА? – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:

litovski-foto

Александар ЛИТОВСКИ

Ја сака ли некој оваа земја? Зарем не сфатија нашите луѓе дека во изминатите десет години стравот ја поклопил оваа наша долина на солзите и станал поимлив, видлив, допирлив, природен дел од животот? Знаете сите, зборувам за оној страв пред кој и сенките бегаа под земја и се криеја, оној страв заради кој скоро сите молчеа за злоупотребите на власта, за неконтролираното и неодговорно дејствување на Големиот Братучед, за корупцијата и кражбите на функционерите, директорите, началниците, молчеа за антимакедонскиот ревизионизам, за крволочниот бесен антикомунизам и анти антифашизам, за антипатриотската лустрација, за антинационалната демонизација на сè што е инакумислечко… Зарем нашите луѓе сакаат да живеат во таква земја, во земја која плаче и писка оти ја боли неправдата, злонамерноста и алчноста? Зарем не гледаат дека иако скоро никој не умира од глад, сепак, скоро никој освен врхушката и нивните измеќари не е сит и задоволен? Зарем не чувствуваат болка на душата што нивната прекресна и плодоносна земја се претвора во јаловина, во царство на дрогата, во легло на сифилис, гонореја, херпес, сида и останатите полово преносливи болести? Разбираат ли дека тука, на парчето земја викана Македонија, животот за мнозинството граѓани се живее на коленици? Разбираат ли дека таквиот живот не е живот? Разбираат ли дека секој кој коленичи е веќе мртов човек, оти го изгубил она основното што го прави човек, имено – Достоинството?

Ја сака ли некој оваа наша земја? Зошто мнозинството писатели, уметници, музичари, филозофи, историчари, социолози…, од оваа напатена земја, се однесува како стадо кое не писнува, кое не се огласува, кое не прозборува ниту збор пред опасноста нацијата и државата да ни се загубат во неповрат? Зарем е можно цели десет години да не гледаа и слушаа како земјата плаче и стенка под товарот на разни метални лавови, лажни триумфални порти, фалсификувани галии, панорамски тркала, антимакедонски музеи…? Зарем и денес, сè уште, молчешкум се согласуваат земјата да плаче и липа заради грамадниот грабеж кој се случува пред нивните очи? Зарем не им е, барем некогаш и барем малку, срам што молчат додека земјата плаче оти е исцедена, разграбена, разнебитена и окупирана? Зарем уште не разбрале дека земјата плаче од разочараност, од очај, од неверување, од немоќ, од страв пред силата на власта…? Зарем ниту сега, кога сè се слушна, не забележаа дека земјата плаче заради кривоклетствата, лагите, вербалната и морална дисторзија, масовната корупција, стравовладеењето, фалсификатите, институционалното насилство…? Зарем им изгледа нормално парите да се мерило на правдата, на патриотизмот, на интелектуалноста, на образованоста, на здравјето?

Навистина, ја сака ли некој оваа земја? Ги сака ли некој овие наши обични луѓе? Ја сакаат ли оваа земја оние наши портокалови политичари на кои најголем и најважен проблем им е да останат на власт и да продолжат со своето мафијашко владеење? Ја сакаат ли оваа земја на пискотниците, оние „ѕвезди“, оние јавни личности од литературата, книжевноста, филмот, театарот, спортот, музичката естрада…., на кои единствена цел, се чини, им се аплаузот, пофалбата, „обожавањето“ од толпата снобови и „сељаци“ и заработката на пари? Ја сакаат ли оваа земја оние „херои на апсурдот“ /Бошко Нацески/ кои сè нешто неразбирливо кркорат за патриотизмот, името, нацијата, земјата, историјата, правото, политиката, а кои, всушност одработија како медиумски слуги на мафијата и се збогатија како крезови?

Ја сака ли некој, воопшто, оваа земја? Зошто во земјата која од страна на портокаловата субвенционирана пропаганда е претставена како економско чудо и лидер во Европа, владее колективен кошмар заради кој помалку издржливите бегаат од неа? Дали тие се колатералната штета на антимакедонската преродба, која поправо треба да се нарече продолжено умирање, или уште поправо – македонско умирање во сто чекори? Секако во согласност со програмата за умирање во портокалова боја. Се чини дека портокаловите ревизионисти со бугаромански комплекси, сфатија дека македонската самобитност и државност може да се уништат само ако се опустоши и заборави вистинската, вредната, слободарската, антифашистичка историја на македонскиот народ и ако се исели сè што има своја лична гордост и што не сака да се покори на ордата од полуписмени полтрони и  медиокритети.

За жал, мораме да констатираме, дојде време во кое сериозно треба да се очекува одговор на прашањето: Ја сака ли некој оваа земја?

Сподели: