7 дена

Згасна „Радио Охрид“, најстариот охридски медиум

radio-ohrid

Фреквенцијата 89,0 преку која најстариот охридски медиум Радио Охрид секојдневно ја емитуваше својата препознатлива музичка, забавна и информативна програма, повеќе не е активна во радио етерот, пренесува Охрид њуз.

Според неофицијални информации ова се должи на одлуката на охридската фирма „Маеми“ која пред околу една година го купи радиото, но не го впиша својот удел како сопственост во Централнот регистар. Успеавме да стапиме во писмена комуникација со компанијата од каде очекуваме официјална информација за причините за прекинување на програмата и за тоа дали се размислува за некаква можност за реактивирање на станицата.

 

Прекинувањето на радио програмата на охридскиот медиум кој опстојува околу 6 децении, со неверување ја примија неговите редовни слушатели.

-Се надевам дека е некоја времена одлука и дека станицата не е згасната. Доколку е згасната тоа е навистина жално и голема штета за охридскиот медиумски простор, кој остана покус за еден квалитетен медиум со голема традиција. Мене и на моите колеги работниот ден ни започнуваше и ни завршувапше со Радио Охрид, не ја менувавме фреквенцијата. Имаше препознатлива музичка програма, но неизоставен дел беа и вестите преку кои се информиравме за сите локални случувања и теми, вели вработен во една охридска приватна здравствена установа.

Веста за згаснувањето на најстариот охридски медиум со жалење ја примија и охридските новинари кои биле дел од градењето на оваа медиумска куќа и во неа поминале продуктивни новинарски денови.

300x300

-Радио Охрид речиси 60 години беше медиум на градот Охрид, а од него излегоа плеада новинарски имиња кои ја пишуваа градската историја низ децениите. Радио Охрид, во годините на приватизацијата, го купи компаниајта АМАК СП, од Охрид. Се уште не знаеме како стариот, му го продал радиото на новиот газда, но, во секој случај, ова е уште еден „блескав“ пример на македонската тажна, криминална приватизација. Со гаснењето на Радио Охрид, после 6 децении, гасне, оди во неповрат и една историја. Каде се и што со материјалите, во пишувана форма и снимани на лента, над 6 децении!? Тоа е една хроника за Охрид, од бесценето вонвременско значение, вели во својот напис „Тажен ден за Охрид и неговата медиумска заедница“ искусниот новинар Веле Митаноски, кој во осумдесеттите години раководел со радиото.

-За моја жал и за нечија “среќа”, токму јас сум тој што ја реновира сегашната зграда на радиото на градското корзо и го пресели од Пожарната во Охрид, каде делуваше во две отстапени канцеларии.  Обновивме техника, воведовме програми, работевме во срцето на Охрид и што е многу важно направивме кадровска обнова. Од Скопје дојдоа Симон Илиески, Славко Николовски и Стојан Савески, подоцна во занаетот навлегоа Милчо Јованоски, Стефан Димоски и многу други, кои излегоа од една новинарска школа, од еден расадник на млади и надежни новинарски кадри. Со концептот на водењето на куќата и со настаните што се случуваа во Охрид, тоа беше возможно и само требаше да се искористи. На начин кој подоцна од Охрид направи град со најразвиена, квантитативно и квалитативно медиумска заедница-после Скопје, пишува Митаноски.

 

 

Жалење за згасување на програмата на Радио Охрид изрази и долгогодишниот новинар Милчо Јованоски, кој долги години бил дел од тимот на овој медиум.

-Во април 2009 со тешко срце, ама самоиницијативно заминав од позицијата Управител и главен и одговорен уредник и вработен во Радио Охрид. Тоа беше медиумот во кој буквално пораснав и физички и професионално. Се’ што научив од новинарството, го научив таму. Сега веќе не е важно кој, како, зошто и каде згрешил? Радио Охрид барем еве како што пишуваат престанал да зрачи програма. Токму ова е посебно тежок миг за сите оние кои биле дел од овој колектив. Таму, во куќата кај чинарот влегов далечната 1982/3 година и ги минав најприродно сите можни скалила и позиции во новинарството. Создадов стотиици емисии и проекти со мој потпис, за среќа дел од нив сум зачувал да ми ја греат душата и да ме потсетуваат на времето кога се работеше со ентузијазам, не штедејќи си ја енергијата. Драго ми е и денес кога по толку години луѓето се сеќаваат во детали на мои и наши проекти, документарци, програми во живо,вели Јованоски.

Тој нагласи дека Дневникот на Радио Охрид во 16:30 часот, бил информативна емисија во која сите верувале со децении.

 

-Радио Охрид во колективната меморија на Охрид е врежано како повеќе од медиум. Да не звучи како фалаба ама за времето на моето уредникување од цели 9 години и плус директорување и управителство од над 6 години, првата помисла ми беше дигитализацијата на техниката и отворањето на новото студио и донаторството на два УКБ стерео предаватели. Заедно со тимот со кој соработував – архивата и од музика и уште повредното од интервјуа, изјави и документарци ја дигитализиравме процентуално гледано со околу 70 од она што го имавме во фонотеката. И тогаш и денеска се гордеам со тоа преземање. Радио Охрид беше и е трезор на непроценливо архивско богатство, значајно за Охрид,рече Јованоски.

Тој изрази надеж дека радиото ќе се „спаси“ и ќе продолжи да функционира.

Сподели: