Алтернатива Настани

Кинотека на Македонија: Недела на хрватски детски филмови

Сподели:

Кинотека на Македонија, Кино утро – ДЕТСКИ ПОГЛЕД, ревија на хрватски детски филмови, 9 -16. јануари

Филмското дело, како целосно фабулативна форма, од самиот почеток било поврзано со децата како протагонисти, но и како публика. Така, веќе во 1895-тата година браќата Лумиер го снимаат „Бебешки оброк“ и „Градинарот“, кој многумина го сметаат за прв игран филм. Подоцна, исто така, постојано се појавуваат детски ликови, како во филмовите наменети само за деца, така и во оние за општата публика, како „Детето“ (1921) на Чаплин или „Чистачи на чевли“ (1946) на Виторио де Сика, кои преку детските ликови зборуваа за пошироките проблеми на друштвото.

Во таа смисла хрватската кинематографија не е поинаква. Во сочуваните снимки од најраниот период како „Процесија на Св. Дује“ (1911) на Јосип Караман или „Кафеана Корсо“ (1915) на Јосип Хала децата се појавуваат главно како учесници во глетката, како дел од процесијата или како посматрачи на самиот чин на снимање. Бидејќи во тој ран период на подрачјето на Хрватска нема континуирано филмско производство, така нема ни филмови со детска тематика сè до 1928 година и појавата на продукцијата за образовни филмови „Училиште за народно здравје“, чија главна задача била здравствена едукација на населението, особено селското кое го карактеризирале семејства со голем број на деца. Така веќе во 1929 година во продукција на „Училиште за народно здравје“ настанува „Цампек палавкото“, анимиран филм на сенки на Младен Широла, направен со актери и цртани кулиси кој ги упатува децата на потребата од одржување на хигиената. Широла со истата тематика се занимавал истата година и во кратките играни филмови „Спасот на малата Зорица“ (1929) и „Запуштеното дете“ (1930).

Со организирањето на филмското производство по Втората светска војна, детскиот филм во хрватската кинематографија станува легитимен жанр што се одликува со континуиран број наслови и понекогаш со исклучително квалитетни филмски дела. Од наслови како „Синиот галеб“ (1953) и „Милиони на островот“ (1955) на Бранко Бауер, сè до серија филмови за литературниот јунак Коко „Коко и духовите“ (2011) и „Љубов или смрт“ (2014) на Даниел Кушан, како и „Таинственото момче“ (2013) на Дражен Жарковиќ, хрватските детски филмови се присутни во хрватската кинематографија многу често како екранизација на веќе постоечки книжевни успеси. Но самата застапеност не би била доволна доколку истите не припаѓале на самиот врв на уметнички успешните филмови, за денес да бидат класици на хрватскиот филм и како такви да не биле прифатени од младата публика и критиката.

Хрватската кинотека на Хрватскиот државен архив од својот почеток со работа во 1979 Година, покрај самите филмови, започнува со собирање и на придружен филмски материјал што се однесува на одреден наслов, а тоа да не е филмски запис. Придружниот филмски материјал вклучува сè: од промотивен материјал како фотографии, плакати, брошури, каталози и слично, па сè до книги на снимање, сценарија, скици на сценографии, костими и реквизити, како и друга документација.

Во ликовна смисла, една од најинтересните збирки на придружен филмски материјал е веројатно збирката на филмски плакати [1394] што во себе содржи плакати за речиси сите долгометражни филмови настанати во хрватската продукција од 1944 година до денес.

Темата на изложбата „Детски поглед“ го предодреди изборот на 21 плакат за 24 долгометражни и краткометражни филмови создадени во периодот од 1953 до 2006 година, кои со своите визуелни решенија не само што успешно го промовираат филмот за кои се направени, туку и зборуваат за стилот на времето во кое се создадени. Освен во стилот, одбраните плакати се разликуваат и во техниката на изработка, од цртежи, колажи и фотографии до комбинација на повеќе техники во кои се испробале ликовни автори за да го остават својот печат во таа применета форма. Па така, на едно место меѓу многумина непознати автори можат да се најдат и дела на мајстори на стрипот како Фердинанд Бис, Андрија Мауровиќ, Мирко Илиќ и Радован Домагој Девилиќ.

9 ЈАНУАРИ (СРЕДА), 19:00 ч., БРКАНИЦА ПО МОТОРОТ, Игран филм, Хрватска, 1959 г., 50 мин., црно-бел, ДСП Режија: Бранко Мајер (Brank0 Majer), Сценарио: Славко Колар (Slavko Kolar)

9 ЈАНУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч. ПИКО Игран филм, Хрватска, 1959 г., 47 мин., црно-бел, ДСП Режија: Среќко Вејганд (Srećko Weygand), Сценарио: Среќко Вејганд (Srećko Weygand)

10 ЈАНУАРИ (ЧЕТВРТОК), 12 ч. БРКАНИЦА ПО МОТОРОТ Игран филм, Хрватска, 1959 г., 50 мин., црно-бел, ДСП, Режија: Бранко Мајер (Brank0 Majer), Сценарио: Славко Колар (Slavko Kolar)

11 ЈАНУАРИ (ПЕТОК), 12:00 ч. СИН ГАЛЕБ, Игран филм, Хрватска 1953 г., 91 мин., црно-бел, ДСП Режија: Бранко Бауер (Branko Bauer), Сценарио: Бранко Бауер , Јосип Барковиќ, Тоне Селишкар (Branko Bauer, Josip Barković, Tone Seliškar)

11 ЈАНУАРИ (ПЕТОК), 19:00 ч. ДРУЖИНАТА НА ПЕРО ЏУМКАТА, Игран филм, Хрватска 1970 г., 96 мин., колор, ДСП Режија: Владимир Тадеј (Vladimir Tadej), Сценарио: Владимир Тадеј, (Vladimir Tadej, Mato Lovrak)

12 ЈАНУАРИ (САБОТА), 12:00 ч. ДРУЖИНАТА НА ПЕРО ЏУМКАТА

12 ЈАНУАРИ (САБОТА), 19:00 ч. ВОЛК САМОТНИК, Игран филм, Хрватска, 1972 г., 90 мин., колор, ДСП Режија:Обрад Глушчевиќ(Obrad Gluščević), Сценарио: Обрад Глушчевиќ, Стјепан Перовиќ (Obrad Gluščević, Stjepa Perović)

14 ЈАНУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 12:00 ч. ВОЛК САМОТНИК

15 ЈАНУАРИ (ВТОРНИК), 12:00 ч., КАПЕТАН МИКУЛА МАЛИ, Игран филм, Хрватска 1974 г., 95 мин., колор, ДСП Режија: Обрад Глушчевиќ (Obrad Gluščević), Сценарио: Обрад Глушчевиќ, Стјепан Шешељ (Obrad Gluščević, Stjepan Šešelj)

16 ЈАНУАРИ (СРЕДА), 12:00 ч. ТАЈНАТА НА СТАРИОТ ТАВАН, Игран филм, Хрватска 1984 г., 101 мин., колор, ДСП Режија: Владимир Тадеј (Vladimir Tadej), Сценарио: Јарослав Петрик, Владимир Тадеј (Jaroslav Petrík, Vladimir Tadej)

Сподели: