Кој е следниот што ќе избега утре – Ерол РИЗАОВ

Сподели

Никола Груевски ја доби најзначајната потврда во животот, спасоносната тапија за промена на идентитетот.

Поранешниот премиер, актуелен пратеник, наместо во затвор во Идризово, ќе биде на слобода како азилант во Унгарија. Може слободно да нè поздрави во живо сите и да ни каже од прва рака колку му недостасуваме и колку неизмерно ја сака Македонија. Редно е јавно да им се заблагодари на сите што му помогнале во најтешките моменти во животот да се спаси од прогон на ненародниот режим и од хунтата која нелегално го собори од власт. Едно големо благодарам ѝ должи на Владата и лично на премиерот Зоран Заев за довербата, на Оливер Спасовски и на обвинителствата, редовното и специјалното, на парламентот, на носителите на правосудниот систем што овозможија непречено да стаса во единствената европска земја во која се чувствува слободен и безбеден.

Што мислите, кој е следниот што утре ќе избега од Македонија. Не е многу тешко да се одговори на прашањето. Погледнете ја листата на обвинети и осудени и погледнете го човекот што седи карши вас во убавото кафуле, можеби веќе од тој момент еден подолг период нема да го видите. Свртете на ФБ и ќе дознаете дека штотуку исчезнал и дека пратил порака од Будимпешта, Прага, Белград, Москва или Буенос Аирес… После една таква новогодишна честитка, можеме да направиме две работи. Прво, да си признаеме дека од ова кутра земја држава не бидува. Второ, да ги замолиме сите одговорни да приопштат на јавноста уште колку осудени и обвинети бивши високи функционери, разузнавачи против кои се водат судски процеси и истраги за тешки кривични дела ќе избегаат од државата додека не се преземе нешто за да се сфати дека владеењето на правото е многу посложена и потешка работа од уривање на режим.

Излез, каде е излезот од една ваква мачна ситуација во моментот кога треба да се донесат најзначајните стратегиски одлуки во државата. Искуствата низ кои поминале поразвиените парламентарни демократии, особено грешките и добрите чекори кои се направени притоа, го даваат одговорот на ова тешко прашање, иако нема одговор кој може буквално да се препише и примени. Неизводливо е германски, француски, скандинавски, па ако сакате и многу поблиску словенечки модели да се копираат во Македонија. Тогаш, што е решение. Современата, понова историја на Европа кажува дека има една константа која мора да се почитува, а тоа е во драматични околности и политички и економски кризи најважно е секој да ја работи својата работа, одговорно и според пишаните и непишаните закони. Во случајот со Македонија во моментот кога станува збор да се биде или не, да се влезе во Европа и во НАТО и да се стане сојузник со двете светски велесили како што се овие две најголеми и најмоќни политички, економски и воени организации со кое членство се означува почетокот на европеизација на Македонија да се работи својата работа значи следното: судовите и целиот правосуден систем во сите инстанции да судат според законот, непристрасно и беспрекорно со почитување на сите процедури не доведувајќи под сомневање ниту една пресуда. Ослободителна пресуда за немање доволно докази или затворска казна за докажани кршења на законот. Трето нема.

Политиката, ако е притисната од такви пресуди кои можат да го нарушат остварувањето на стратегиските цели, односно да не дојде до прифаќање на уставните промени, исто така треба да си ја работи својата работа. Таа има на располагање милион механизми да докаже пред јавноста дека го избира најдоброто решение, или најмалото зло. Политичарите и парламентот можат да ги донесат сите одлуки за кои сметаат дека се во интерес на Македонија. И помирување, и простување, и помилување, и амнестија, но тоа треба да го одработат добро пред јавноста и да ја добијат довербата дека тоа е најдобрата можна одлука. Но притоа треба да бидат подготвени дека по донесувањето и на најдобрите одлуки, кои се историски, можат да паднат и да ја загубат власта бидејќи јавноста нема да ги прифати како што тие замислиле. Тој ризик мора да биде пресметан дел од работата на секој политичар, дури и кога е убеден дека ги влече најдобрите потези. Во врска со тоа имаме горчливи искуства на меѓународен план.

Тоа се одлуките на уставните судии предводени од Робер Бадентер, големиот француски правен авторитет кој јавно обзнани дека само Македонија и Словенија заслужуваат меѓународно признавање по распадот на Југославија. Да, така вели правото, но претседателот Франсоа Митеран и француската влада кажаа дека Франција има свои интереси надвор од правото и правдата, а тоа е кога се мерат Грција и Македонија тасот секогаш превагнува на страна на Грција. Колку тоа сознание да е болно, тоа е така во светот на интересите. Втората пресуда на судот во Хаг е уште подрастичен пример на судирот меѓу политиката и правдата. Пресудата дека Грција не може да ја попречува поранешната југословенска Република Македонија под тоа име да биде членка на меѓународни асоцијации и организации веднаш беше политички анулирана дека такви обврски НАТО и ЕУ немаат и дека тие имаат други интереси во однос на своите редовни членки. И ова го доживеавме како голема неправда, што дефакто е вистина, но не научивме дека политичките интереси се поголеми и позначајни од правдата и правото.

Истата работа денес Македонија ја има на свој терен. Владата и парламентот или ќе ги претпочитаат стратегиските државни интереси и ќе се жртвуваат за своите непопуларни одлуки со селективно помирување, помилувања и амнестии (особено кога дозволија главно обвинетиот и носителот на злосторничките здруженија да им избега) или, пак, ќе ја вратат Македонија поназад кај што беше пред потпишувањето на договорот со Грција.

Медиумите, исто така, треба да си ја работат својата работа. Тие не треба да имаат разбирање и поданички однос за политичките одлуки, за проблемите на владата и на опозицијата за судските пресуди, за помирувањето и простувањето, за евентуалните помилувања и амнестии. Препознавањето на интересите на граѓаните и на државата, почитувањето на владеењето на правото, злоупотребата на власта и моќта и критиката на секое посегање по правдата и на штета на демократијата и слободата, човековите права, за објективните и професионални медиуми, е закономерност која е императивна и трајна. Колку тоа може да помогне во недостиг на такви објективни и професионални медиуми во наездата на социјалните мрежи и грубата комерцијализација на телевизиите не е тешко да се дознае. Доволно е само пет минути да го вклучите вашиот мобилен телефон, или да ги видите и чуете вестите на неколку телевизии. Големата сапуница пере мозоци 24/7. Примитивизмот и теориите на заговор се во полн ек. Се прави нов мит од криминалците кои бегаат од земјата. Нивната вина станува помала од вината на тие што им дозволија да избегаат.

Најдоброто, најхрабро и единствено решение за Македонија е да се донесат уставните измени во парламентот и да се прифати преспанскиот договорот со Грција. За тоа потребните жртви нека ги направи власта, нека ги поднесе последиците од непопуларните потези за помирување и помилување. Ако не знае како да го одработи тоа, нека замине од власт.

(Објавено во Независен весник)