Колумна Текстови

КОЛУМНА: КУЛТУРА НА ДИЛЕНТАНТИЗМОТ – Александар Литовски

Сподели:

litovski foto

Дилентатизмот, неукоста, волунтаризмот, недоученоста, неталентираноста, уметничката ништожност, научната безвредност, културната примитивност нè „убиваат“ како нација и држава, оти од градење и поседување на културно-научни маркери со препознатлив облик и пошироко признаена вредност, ние стигнавме до национално самообезличување преку фаворизирање и славење на потпросечни дела, градби и умови. „Умираме“ оти од државни институции во кои работеа способни стручњаци, ние создадовме земја во која масовно се вработуваат крајно неспособни и некомпетентни лица, лица заостанати во развојот и ситни криминалци, а во раководители претворивме обични безлични полтрони без минат труд и без „име“ кое нешто значи.

Сакам да кажам и дека дел од одговорот како ни се случи ова национална себедеградација, лежи во фактот што според „законот на опортунистичка привлечната сила“ (кој објаснува како полтроните и ситните профитери се преместуваат и престројуваат во редовите на политичките победници), националистичката толпа и нивните портокалови раководители, прибраа кон себе голем број ненадарени уметнички трабанти, па дилетантизмот замаскиран со националистичка идеологија и реторика, излезе на јавната сцена како портокалово-партиска култура од висок стил… Оваа квазикултурна толпа вгнездена низ разните културни институции и стимулирана со огромни финансиски субвенции од партизираната држава, изгради јасно одредена и манифестирана идиосинкразија кон „културната оставнина“ од социјалистичкиот период, но и генерално кон модернизмот и постмодернизмот.

Ама, да се разбереме, за државната, културната и естетската инволуција што ја доживеавме изминатите десетина години, не се виновни само тие меркантилни платеници од редот на уметниците, писателите, архитектите, службениците…, туку виновни се и сите останати кои се декларираа како „неопределени“, кои папагалски ја повторуваа „генијалната“ флоскула – „сите се исти“, кои со срамен молк го прифаќаа овој изместен систем на вредности, ги одобруваа кичерските градби, ги величеја ревизионистичките историографски и литературни дела и, на таков фарисејски индиректен начин, го поддржуваа, стимулираа и нормализираа налудничавиот режим на владеење. Тие недефинирани и неопределени „типови“, тие полуписмени простаци, тие надуени снобови, тие интелектуални и ментални инвалиди, со нивната филозофија на „златен просек“, со филозофијата „ни лево ни десно“, со филозофијата на „лицемерно и дискретно“ молчење, тие, исто колку и владеачите, нè донесоа до овој профитерски систем на правила и вредности, до погрешното сфаќање и разбирање на убавината, до забеганите и грди градби во „Скопје 2014“, до нефункционални институции, до оваа страшна бесперпективност која ја живееме и која е причината за непрегледните колони од емигранти.

Секако, излезот постои, и тој, пред сè, е во негување, на едно персонално ниво, на постојана критичност кон системот и сопствено самокритично преиспитување, на константно примање на нови информации и стручно усовршување. Во овој, првенствено, интроспекциски процес, не помагаат многу, разните туристички екскурзии во странство, или читањето на „лесна“ литература, или присуството на снобовските забави и приеми. Едноставно, во тој процес на „откачување“ од културата на дилетантизмот и конформизмот, залудни се завршените факултети, залудна е „празната“ самодовербата, залудна е туристичката „прошетаност“, залудно е сè, ако се немаат интелектуални капацитети и логичен и неконформистички тек на мислата со која ќе се сфати и отфрли пропагадното, колоквијалното и баналното. Nostrae mentis purga tenebras, accende lumen sensibus (Да ја исчистиме темнината од нашиот ум, да ја запалиме светлината на нашите сетила). Со други зборови, за да започниме циклус на прогресивно движење напред, неопходно ќе биде да му ставиме крај на дилентантизмот во работењето, да го крениме на повисоко ниво општото образование и да го депровинцијализираме умот, односно да направиме ментална дистанца од малограѓанштината, дилентантизмот и кичот кои ни ги „сервираат“ со години наназад.

 

 

Сподели: