Втора научна конференција за аерозагадувањето

Сподели

Статистиката на Институтот за јавно здравје, говори дека 20 до 30 % од населението во Скопје на годишно ниво, умира од аерозагадување а до 30 % од луѓето се разболуваат од загадениот воздух кој секојдневно го дишат во Македонската метропола.

На Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово денеска ќе се одржи Втора научна конференција за аерозагадувањето на која ќе бидат презентирани најновите согледувања со аерозагадувањето во урбаните средини во Македонија.

Повеќе од 50 проценти од светската популација живее во градовите, а според Светската здравствена организација дури 92 проценти од луѓето кои живеат во градовите дишат загаден воздух.

На глобално ниво, аерозагадувањето е причина за 36 проценти смртни случаи од рак на белите дробови, 34 проценти смртни случаи од инфаркти и 27 проценти смртни случаи од срцеви заболувања.

Организатори се здруженијата „Еко свест“ и „За зелен град“ кои посочуваат дека се поважно е точното и навремено информирање на научните факти околу аерозагадувањето и можните решенија.

Ана Чоловиќ Лешоска од ЕКО Свест, рече дека ваквите бројки треба да бидат уште поголема причина, надлежните да започнат да преземаат конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето.

На конференцијата беше присутен заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, кој рече дека владата веќе работи на подготовка на мерки и препораки за намалување на загадениот воздух.
Во најзагадените градови во Македонија, аерозагадувањето во последниве неколку недели, беше поголемо за два до три пати од дозволените граници.