Константин Георгиевски избран за в.д. градоначалник на Охрид

Сподели

Поради смртта на градоначалникот Јован Стојаноски и престанок на функцијата, за вршител на должност градоначалник на Општина Охрид денеска на вонредна седница со 15 гласа „за“ беше избран Константин Георгиевски, координатор на советничката група на СДСМ од Охрид.

После смртта на градоначалникот Стојаноски, Општина Охрид испрати известување до Министерството за локална самоуправа кое пак ја известило Владата за престанок на функцијата Градоначалник на Охрид согласно член 54 од законот за локална самоуправа. Вршител на должност градоначалник се избра за да може локалната власт да функционира.

Георгиевски беше предложен од страна на советникот Ристо Булоски и ќе ја извршува функцијата в.д. градоначалник до изборот на нов градоначалник на предвремени избори, кои најверојатно ќе се одржат оваа пролет заедно со претседателските.

Избори за Градоначалник распишува Собранието на Република Македонија кое покрај за Охрид треба да распише избори и за општините Дебар и Ново Село.