Маја Морачанин: Зелените вредности – трајна визија

Сподели

 

Во текот на последните години, еколошката свест на граѓаните кај нас, значително порасна. Сведоци сме на зголемен интерес за темите од областа на заштитата на животната средина и здраво и квалитетно живеење. Јавноста континуирано ги следи и бурно реагира на проблемите со загадувањето на воздухот, водите, почвата, загадувањето од рудниците, отпадот, дивата сеча на шумите, уништувањето на  зеленилото и неодржливата урбана експанзија. Потребата за чиста и здрава животна средина претставуваше мотив за формирање на голем број граѓански иницијативи и здруженија кои активно делуваат во оваа сфера. Преку различни форми на граѓански активизам, од акции за чистење на отпад, преку учество на дебати, протести, локални референдуми, до предлагање конкретни решенија и соработка со надлежните институции.

Зголеменото чувство на општествена одговорност и свесноста за важноста на влијанието на секој поединец се клучни за демократскиот развој на општеството. Дејствувањето на секој од нас се рефлектира не само на локално, туку и на глобално ниво. На тоа нѐ упатуваат и законите на природата.

Климатските промени се пример за тоа колку целиот свет е во меѓусебна тесна поврзаност, влијание и зависност. Уништувањето на животната средина, на шумите, како и моделот на линеарна економија, која безмилосно ги црпи природните ресурси и создава огромни количини отпад, во постојана трка за што поголем профит, придонесуваат за раст на глобалното затоплување до степен кој може да го загрози  опстанокот на нашиот единствен дом – планетата Земја.

Промените на климата видливи преку катастрофални поплави или долготрајни суши, активирање на вулкани, земјотреси, појава на урагани и цунами, влијаат не само врз биодиверзитетот, туку и врз економијата, особено во земјоделието, шумарството, водните ресурси, миграциите, врз здравјето и благосостојбата на луѓето. Ниту државните, ниту границите на континентите се бариера која може да да ги запре ваквите природни катастрофи, најчесто предизвикани од човекот и неодржливиот индустриски развој. Едноставно, целиот свет се повеќе ќе се соочува со последиците од климатските промени, доколку итно не се преземат неопходните мерки, на секој дел од земјината топка. Решението е во транзиција од линеарна во зелена, циркуларна економија, замена на користењето на фосилни горива со обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, за што се залагаат Зелените партии и зелените граѓански здруженија.

Покрај заштитата на животната средина, демократијата, почитувањето на човековите права и слободи, родовата еднаквост, владеењето на правото и борбата против корупцијата, социјалната правда, солидарноста се фундаментални зелени вредности. Зашто, нема демократија без почитување на човековите права, ниту здрава животна средина без владеење на правото и борба против корупцијата, ниту социјална правда без солидарност. Обединувајќи ги сите овие меѓусебно зависни вредности, зелените политики нудат поинаква визија за одржлив развој и благосостојба на луѓето.

Можеби и затоа, не е лесно да си припадник на Зелена партија, особено не на Балканот, каде често пати се соочуваме со неразбирање и потценување на нашите идеи и заложби. Но, истиот тежок пат го минуваа и европските зелени партии и движења пред 2-3 децении, за сега, нивните идеи и програми да бидат широко прифатени од граѓаните, што го покажаа и одличните резултати на зелените партии на изборите во Холандија, Луксембург, Белгија, Германија. Нивната доследност и посветеност на зелените вредности очигледно им донесе успех. Успех кој ги обврзува и натаму несебично да се залагаат за сите овие вредности во интерес на човештвото, во интерес на заштитата на нашата планета Земја.

Верувам дека ДОМ како зелена партија од Македонија, која е полноправна членка на Европските зелени, ќе ги следи успесите на своите сестрински партии и дека во соработка со нив, со граѓаните и со тимска работа, ни претстои успешна, здрава и зелена иднина за нас и за генерациите што доаѓаат по нас. Зашто, зелените вредности се наша трајна визија.

д-р Маја Морачанин