Макрон и официјално прогласен за 25. претседател на Франција

Сподели

Уставниот совет на Франција официјално го прогласи Емануел Макрон за 25. претседател на Франција, јавува Anadolu Agency (AA).

Макрон освои 66,1 отсто од гласовите во вториот круг од претседателските избори во неделата, а неговиот ривал, лидерката на екстремно десничарската партија Национален фронт, Марин Ле Пен, освои 33,9 отсто, покажуваат официјалните резултати објавени на прес-конференција, од страна на челникот на Советот, Лоран Фабиус.

„Уставниот совет, на 10 мај 2017, го прогласува г. Емануел Макрон, кој го доби апсолутното мнозинство од гласовите, за претседател на Француската Република“, изјави Фабиус за новинарите, во присуство на членовите на Советот.

Фабиус истакна дека кандидатот на движењето „En Marche“ освои 20.743.128 гласови, а кандидатката на Националниот фронт 10.638.475 гласови.

Шефот на највисокиот уставен орган во Франција рече дека стапката на воздржаност од гласање била 25,44 отсто. Тоа е највисокото ниво од 1969 година, кога рекордни 31,1 отсто од гласачкото тело се воздржа од гласање за еден од двајцата централно-десничарски кандидати: Жорж Помпиду и Ален Похер.

Според Советот, досегашниот француски претседател Франсоа Оланд ќе му ги предаде своите овластувања на Макрон в недела, на 14 мај.

Макрон треба да назначи премиер и да формира влада веднаш штом ќе ја преземе функцијата.