Мијалков барал увид во доказниот материјал што го поседува СЈО

Сподели

saso_mijalkov_ytube

Мијалков во СЈО со својот адвокат првин барал увид во доказниот материјал собран за истрагата „Тортура“, тврдат за Телма извори од специјалното обвинителство. Вчерашниот престој на Мијалков во СЈО траеше два часа, а тој со адвокатот Никола Додевски го искористиле правото да побараат увид во доказите од кривичната пријава за постизборното малтретирање на Љубе Бошкоски. Откако ги разгледувале, тие се повикале на правото дека дополнително ќе одлучат дали Мијалков како првоосомничен ќе даде исказ пред надлежниот обвинител кој го води случајот „Тортура“. Мијалков во СЈО се пожалил и на новинарското присуство пред просториите на Специјалното обвинителство и прашувал зошто дошле новинарите да го снимаат и да го прашуваат.

Иако бил со адвокат, екс директорот на УБК не се распрашувал зошто истражител на СЈО бил пред неговата куќа и ја фотографирал.

Во рамките на случајот „Тортура“ продолжуваат истражните дејствија. Мијалков иако првоосмничен е последниот осомничен кој е повикан и дошол на распит во СЈО. Во изминатите десетина дена во СЈО биле и 6-мината припадници на полициската единица алфи предводени од нивниот екс командант Ивица Анчевски-Пуки. И тие како Мијалков имаат адвокати од истиот тим предводен од Додевски, а исто како екс директорот на УБК побарале првин увид во доказите па потоа да одлучат дали ќе дадат изјави пред специјален обвинител.

Во „Тортура“, Мијалков е осомничен како организатор на малтретирањето на Љубе Бошковски во јуни 2011-та година по парламентарните избори, а 6-те полицајци алфи дека ги реализирале неговите насоки за понасилно апсење на лидерот на Обединети за Македонија. Случајот е отворен по објавени материјали на опозицијата.

СЈО смета дека 7-мината сториле кривично дело мачење и сурово постапување во служба. Екс директорот на УБК Сашо Мијалков е осомничен и во уште два случаи на СЈО, „Тврдина“ и „Трезор“.