МИОА: Законот за владино рекламирање е повлечен заради доработка на текстот

Сподели

mioa-ministerstvo-za-informaticko-opstestvo-i-administracija-540x300

Владата го повлекла предлог-законот за владино рекламирање, односно за информативни и рекламни кампањи на јавните институции на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација, а причина била потребата за доработка на текстот на законот, согласно добиените предлози и забелешки.

„Со оглед на фактот што во текот на изминатиот месец, во процесот на консултации со над 100 медиумски куќи и асоцијации, министерството презема обврска да ги разгледа добиените предлози и сугестии и да ги прифати оние кои ќе овозможат подобрување на текстот на законот, Владата на предлог на министерството, во текот на вчерашниот ден го повлече текстот на законот од собраниска процедура. Можноста за повлекување на предлог-законот заради усогласување беше најавена уште на самите состаноци со медиумите и оттука, министерството најостро ги демантира сите шпекулации во однос на причините за повлекување на законот и информира дека единствена причина е потребата за доработка на текстот на законот согласно добиените предлози и забелешки“, стои во денешното соопштение на Министерството за информатичко општество и администрација.

Оттаму додаваат дека очекуваат во следниот период сите засегнати страни „со одговорно и конструктивно однесување“ да овозможат да се изнајде долгорочно системско решение за ова прашање.

Од СДСМ вчера изјавија дека предлог-законот е повлечен од собраниска процедура благодарение на жестоката реакција на опозицијата. Според СДСМ, со законот власта имала намера да ја „запечати корупцијата на медиумите со државни пари“.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ пак ја обвини СДСМ дека „е непријател на медиумите и не сака регулирање на владиното рекламирање по урнек на европските модели“.

meta.mk