МНР со реакција на руската дипломатија за Договорот од Преспа

Сподели

„Измените на Уставот согласно Договорот од Преспа, усвоени во Собранието со целосно почитување на предвидената собраниска процедура и Уставот на Република Македонија, кои ја рефлектираат консензуалната определба на граѓаните на Република Македонија за членство во НАТО и во Европската Унија, добија неподелена поддршка од пошироката меѓународна заедница, како чин на политичка храброст, одговорност и лидерство, со кој се решава долгогодишен билатерален проблем кој ги оптоваруваше односите меѓу Република Македонија и Грција.

Договорот од Преспа не само што не задира во интересите на трети страни, туку суштински придонесува кон регионалната стабилност, пријателство и соработка, и како таков претставува  пример и модел за решавање на отворени прашања меѓу државите.

Министерството за надворешни работи на Република Македонија е уверено дека иднината ќе ја потврди исправноста на овој пристап, кој претпочита политичко визионерство и лидерство, како и дека придобивките за регионалната стабилност и просперитет ќе бидат прифатени и валоризирани од сите страни, вклучително и од пријателската Руска Федерација“, се вели во реакцијата на МНР.

( Реакцијата на МНР е по повод коментарот на Департманот за информирање на Министерството за надворешни работи на Руската федерација од 14 јануари 2019 година, во врска со усвојувањето на измените на Уставот. )