МТСП: Државниот инспекторат за труд со засилени контроли за исплатата на К-15

Сподели

Државниот инспекторат за труд, прави засилени контроли во приватните фирми за исплата на К-15 на вработените, информираат од Министерство за труд и социјална политика.

Надзорот кој што започна од почетокот на годината ќе се спроведува до крајот на февруари, а инспекторите ги посетуваат правните субјекти од сите дејности, вклучувајчи ги и фабриките за производтсво на текстил и чевли.

„Засилениот инспекциски надзор во областа на производство на  текстил и чевли е од причини што најголем број на преставки  во изминатите години беа од работниците во наведените дејности. Напоменуваме дека во случаите каде ќе се утврди дека не е постапено согласно Законот и Колективните договори, Државниот инспекторат за труд ќе преземе мерки согласно со Закон. Државниот инспекторат за труд е орган кој е надлежен да врши инспекциски надзор над примената на правата и обврските на работниците и работодавачите утврдени со Закон и со Колективен договор. Во таа насока, при инспекцискиот надзор,  ќе се проверува  исплатата на регресот за годишен одмор (К-15), право коешто е утврдено со Спогодба за изменување и дополнување на Општиот колективен договор  за приватниот сектор  од областа на стопанството“, се вели во соопштението.

Во Спогодбата е утврдено дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценри од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач.

„Истовремено ги повикуваме работниците неисплатата на К-15 да ја пријавуваат на дежурниот телефонски број на Државниот инспекторат за труд 15 131“, се додава во соопштението.