Aлександар Литовски
Колумна Текстови

НАША ИСТОРИЈА – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:
Aлександар Литовски

Балканските историографии се романтичарски и националистички интенционални. Неинвентивното препишување на излитени кичерски романтики и милитаристички фрази, со проѕирна намера за ситно политиканско криумчарење на очигледни невистини и националистички алузии, ним им се главни карактеристики. Ова им задава сериозна „главоболка“ на сите оние кои имаат намера, наспроти овој политичко-некрофилски театар со мртви кукли, да се зафатат со сериозна работа врз откривањето на историската вистина. Во овие антицивилизациски рамки спаѓа и антимакедонизмот, кој е една типична националистичка, големобугарска доктрина, со години градена и промовирана од Бугарија, а која деновиве ни се сервира, дури и од наши „експерти“ како бенигна „нужност“ кон европската цивилизациска орбита.

Кај нас романтичарската историја, заедно со залихите од хипермнезија и аломнезија внатре во неа, повеќе од десет години до плиткоумните портокалови клиенти безочно и неодговорно беше дистрибуирана и лиферувана од медиумите чии сопственици беа тајкуни кои дебело се офајдија од државниот буџет, но и од професионалните историчари во служба на мафијата. На тој начин портокаловата политика успеа да претвори голем дел луѓе во препарирана послушна толпа со силни нагони на ксенофобија, омраза и страв. Всушност, оваа десничарско-шовинистичка политика, неодговорно ја карикираше историската стварност, до национална и хуманистичка непрепознатливост, а сè што не одговараше на нивниот демохристијански дискурс и патетичен „револуционерен“ циркус беше рециклирано и претставено со псевдоилуминација за никој да не може да сфати за што се зборува.

За разлика од портокалово невреме во кое, со помош на сите медиумски средства, хиперпродукцијата и конфузијата се прикажуваа како единствени формули за успешност, а вмровскиот опортунизам беше претворен во „методологија“ за работа во македонската историографија, ние денеска сме исправени пред опасноста од отпочнување, под странски притисоци и уцени, на еден процес на целосна декомпозиција на историската стварност, како дел од нашата вкупна стварност, со која декомпозиција нашата историска приказна би го загубила колоритот, би ги загубила македонските специфики, би станувала сè поапстрактна, сè по релативна, сè по анационална, сè по иморална, сè подекадентена, сè по бесмислена… Кратко речено – лажна!

Затоа, не смееме во ниту еден момент да заборавиме дека историографијата треба стално да ги поставува прашањата кои се причините за она што било, така како што било. Законите на логиката и на вистината, како што досега не смееја да бидат принесувани како жртва на олтарот на одбраната на портокаловиот криминал, така од сега па натаму не смеат да бидат принесени како жртви на политичките поткусурувања за евроинтеграциските процеси. Не смее една досегашна националшовинистичка и во основа антимакедонска историја, да биде заменета со една политиканска анационална историја. Историјата не треба да биде претворена во обично дневно-политичко пазарење. Бугарскиот антимакедонизам не смее да биде диоптер за препрочитување на нашата историја.

Секако, ова воопшто не значи заложба за некаква петрифицирана и непроменлива историја. Напротив. „Својата историја можеме да ја бираме“, запишал Жан Пол Сартр и само уште еднаш, како многумина пред и по него, се обидел да ни објасни дека историјата секогаш одново се пишува. Секоја генерација мора и треба да пишува нова историја, не само заради новооткриените факти, туку и заради општествените промени и потреби на национално и глобално ниво. Секој добар историограф мора да знае дека цивилизациите, културите, нацииите, микрозаедниците, класите, се истовремено и постојаност и движење, дека се океани од духовни традиции, од јазични специфики, од согласности и принудувања, од решенија и афирмации, од политики, компромиси и борби. Затоа нас ни е потребна општествена клима, заедно со секуларна држава и владеење на правото, во која ќе се остварува продуктивен однос помеѓу минатото, сегашноста и иднината, а во интерес на прогресот на нацијата, државата и секој поединец одделно. Или кажано со парафразирање на мислата на Сартр ние сме пред дилемата која парадигма ќе ја избереме за сопствена идентификација и колективно опстојување и движење низ просторот и времето. Ние, нужно, мораме да пишуваме и да поседуваме наша македонска историја! Ама, повторно, сето тоа не смее да биде со убиство на фактите, логиката, историската вистина и сопствениот идентитет.

 

Сподели: