Не постои човек што не тежнее кон целина – Соња Р. Јовановски

Сподели

Со Алеф го започнав преиспитувањето на сето изживеано, преживеано, доживеано…Се сеќавам на годините кога во воздухот што го дишевме имаше едно чувство слично на љубов, а, не ко сегашниот кој не ни дава ниту да дишеме, ниту да мислиме, а уште помалку да размислуваме на животот.
Тоа беа години кога имаше една зачуденост и еден восхит во крвта на многу генерации. Не сакам да генерализирам, ама сe` во тие години беше поинакво, дури и вкусот на сонот го чувствувавме.
Едновремено, чинам дека не постои човек што не тежнее кон целина, односно кон збирот на искуства за кои еден човек е способен. Не постои човек што не се плаши да не биде разочаран од некој дел од тоа бесконечно искуство претворено во наследство. Ама чинам, се имаше мојата генерација, зашто прво и беше понудена славата и потоа поразот. Така, се научивме да чекориме, но и да го негуваме она што го создадовме.
Имав голема среќа да истражувам за различни култури, за нивните традиции и понекогаш посакував да можам виртуелно да ви ги прикажам целовито сите нивни системи на однесувања во нивната оригиналност како во нивното секојдневие, така и за време на обредните практики…Таа нивна заемност и размената на малите нешта секогаш ме потсетуваа на нашето детство..Таа нивна смиреност, укажувањето дека трпението е најголемата мудрост и потсетувањето дека за се треба да се размисли трезвено ме потсетуваа на времето од нашето детство, и тоа не само во семејните кругови, туку и во училишните клупи…Ние, чинам одамна научивме дека најтешко е да се сочуваат нештата кои сите не прават исти и еднакви пред сите животни предизвици.Кај многумина останале да се чуваат на чуден начин…и во нашето современие…на некои тоа ни е точката каде секогаш се враќаме без разлика каде животот ќе не носи, или однесе низ различни краеви на светот.
Сета потрага по „другите“ и другоста ме однесе и до себе…И со Алеф започнав да се среќавам во таа точка на самосвојноста. Таму во точката, во просторот каде се содржани сите точки кои се допираат на чуден начин, ама сепак си го чуствував не само ко мој, туку ко наш, разбирлив …и таму среќавајќи се со душите човечки научив дека нема откажување, бидејќи поврзаноста беше уште од корените кога не учеа дека само заедно можеме да стигнеме до целта…И тоа не беше обична цел, тоа беше цел сама по себе – опстанок на сите нас. Доказ за тоа се и меморираните наши први приказни кои сме ги сфатиле без да знаеме за структурата на архетиповите кои (не)свесно сме ги научиле и сме ја разбрале и нивната поента…Така не учеле да сонуваме, да фантазираме …и тие фантазии останаа фантазии за времето, за вечноста, која како скаменета сегашност не држи во живот и сега и покрај сите опаднати вредности кои ги создававме низ различни околности и уште повеќе се трудиме да ги сочуваме, бидејќи современието ни ги зема..пак на чуден начин…за да ни го избрише не само личниот идентитет, туку културниот идентитет кој сме го учеле од тие кои имаа време и мотив и желба да ни го вткаат во нас…
Неодамна ги прашав моите студенти (не) случајно која од приказните им останала во сеќавање, и која од нив ќе им ја раскажат на нивните деца…Побарав да си ги најдат одговорите на многу нешта во самата приказна и ликовите кои ги запаметиле. Знаев дека кај сите нас тие приказни ќе останат да бидат симболично огледало на се што ни се случува и не засега и ќе станат мост кој мора да го премостиме доколку фасцинантниот лавиринт на сништата го ставиме како можност да ја сфатиме потрагата на себеси во бесконечноста….Со Алеф сеуште се обидувам многу нешта да си ги разјаснам себеси за да можам полесно да им ја раскажам приказната на оние кои сакаат да ја слушнат…И можеби доаѓа конечно и нејзиното време…затоа што му дадов време на времето во кое ќе се распакува пораката за да се запамети приказната во сиот нејзин тек…онака како што нас не научиле…

Соња Р. Јовановски