Вести Македонија

НИКОЛА ТОДОРОВ: ОБЈАВЕН Е ТЕНДЕРОТ ЗА НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР “МАЈКА ТЕРЕЗА”

Сподели:

Nikola-Todorov1

Во официјалниот гласник на Европската унија е објавен тендерот за изградба на новиот Универзитетски Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, рече денеска на прес- конференција во Порта „Македонија“, вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров.

Ова, посочи Тодоров, е долго очекуван проект кој што претставува круна во низата инвестиции во здравството направени во минатиов период.

– Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е најголем здравствен комплекс во Република Македонија, на површина од 17 хектари, кој се состои од 32 независни субјекти со вкупен персонал од 3.400 лица, од кои 2.300 лица медицински персонал и 1100 лица административен и технички персонал. Низ комплексот клиники на годишно ниво минуваат повеќе од 800.000 посетители, односно околу 2.200 посетители дневно, рече Тодоров.

Посочи дека годишно на клиниките се лекуваат околу 75.000 пациенти, со вкупно 450.000 болнички денови, а со просечна должина на престој од 6,1 ден. На дневна основа се пружаат околу 27.000 здравствени услуги за пациентите.

Со денешната објава на тендерската постапка, потенцира Тодоров, почнува рокот за подигнување на тендерска документација и доставување на понуди.

Нагласи дека отворањето на понудите е предвидено за 5 декември во 14 часот. Целата постапка се спроведува по процедурите на Банката на Советот на Европа, а со користење на обрасците на Светската банка, согласно потпишаниот и ратификуван договор.

– Согласно процедурите, како критериум за евалуација на пристигнатите понуди по барањето за доставување на понуди е најниска економски оправдана цена на понудата која ги задоволува минимумот на најзначајните пост-квалификациски услови, како и Специфично градежно искуство кое се докажува преку Учество како примарен изведувач (или лидер во заедничко вложување/ конзорциум со пропорција од најмалку 70 отсто од целосниот договор) во најмалку 3 успешно завршени договори во полето на изградба /реконструкција на болници и здравствени објекти и проекти од слична природа во земјите членки на ЕУ, земји членики на ЦЕВ И ОЕЦД , завршени во последните 10 години со кумулативна вредност од 100 милиони евра, рече Тодоров.

Сподели: