Одбележан Меѓународниот ден за прекинување на политиката на некзнивост на насилството врз новинарите

Сподели

Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа во Скопје во соработка со Здружението на новинарите на Македонија и Министерството за внатрешни работи на Македонија денеска организираа настан за одбележување на 2.0 ноември, Меѓународниот ден за прекинување на политиката на некзнивост на насилството врз новинарите. На настанот пригодно обраќање имаше Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани. На овој настан исто така беше промовиран и Прирачник за безбедноста на новинарите за следење на настани од висок ризик.

Интегралниот говор на претседателот на ЗНМ го имате во прилог:

– Денеска на Меѓународниот ден на прекинување на политиката на неказнивост на насилството врз новинарите, се присетуваме на црниот биланс на насилството врз новинари. Годинава во светот се убиени 47 новинари, од кои тројца во европско тло. Најголем дел од овие свирепи убиства се нерасчистени, а убијците се на слобода. Длабоко жалиме за изгубените животи на нашите колеги и се поклонуваме пред нивната жртва во името на новинарската професија, која очајно трага по вистината.

Во Македонија немаме убиен новинар, но тоа не значи дека институциите не треба сериозно да ги сфатат сите закани врз новинарите. Никој не веруваше дека во Словачка или Бугарија, членки на Европската унија дека може да се убијат новинари, но за жал тоа се случи.

Безбедноста на новинарите во Македонија полека се подобрува. Бројот на напади во споредба со претходната година се намали од 18 на шест, а институциите после една деценија почнаа да ги казнуваат напаѓачите на новинари. За физички напад на новинар Скопскиот основен суд изрече затворска казна, додека прекршочниот суд во Струга парична казна. МВР го исполни ветувањето дека ќе објави извештај за сите напади што се случиле последните пет години, а во исто време и побрзо реагира на секој нов напад.

Покрај ваквите позитивни примери, за жал, политиката на неказнивост на насилството врз новинарите во Македонија се уште има длабоки корени. Политичката волја на Владата и на министерот Спасовски да стават крај на нападите на новинари, не ја следи и бирократијата во полицијата и обвинителството. Тие сеуште водат неквалитетни и неефикасни истраги. Од извештајот на полицијата и обвинителството можете да разберете дека од 59 напади на новинари, само двајца напаѓачи се казнети со ефективна казна, и само уште еден предмет во обвинителството е целосно истражен за кривично гонење.

13 предмети се целосно нерасветлени, за кои полицијата тврди дека тешко ќе може да се расветлат затоа што во минатото се воделе неквалитетни истраги или дури во некои случаи се уништени и докази. Ако не можат да се расчистат случаите, МВР може да покрене постапки против припадници на полицијата што воделе неквалитетни истраги или криеле докази.

И тие предмети што полицијата ги третирани за истражени, во суштина не нерасчистени. Пример, МВР поднела седум кривични пријави против напаѓачи на новинари, а обвинителството прифатило само една.  Останатите пријави се отфрлени затоа што истрагите се нецелосни. Полицијата дури не успеало да ги идентификува напаѓачите. Слична судбина имаат и пријавите на полицијата до Прекршочните судови.

За да биде ситуацијата уште посериозна, одредени структури во полицијата се солидаризираат со нивни колеги што напаѓаат новинари. Таков е случајот на еден полицаец кој пред две години тепаше новинар на протест. Беше утврдено дека тој ги пречекорил овластувањата, но МВР место да покрене постапка пред обвинителство, доставува само известување.

Слични примери на забошотување на истраги има и во Обвинителство. Девет месеци не беа доволни на еден обвинител да ја заврши истрагата против едно лице кој во март годинава упати експлицитни смртни закани против новинар.

Ние сме сериозно загрижени и заради арбитрарното приведување на новинари во полиција. Таквата практика на застрашување мора веднаш да престане затоа што тоа може да има чилинг ефект врз слободата на медиумите.

Сакам уште еднаш да ги повикам институциите сериозно и ефикасно да ги истражат сите напади на новинари и одговорните да ги казнат. Без таков одговорен однос на институциите нападите ќе продолжат и ќе станат побрутални, кои можат да го доведат во прашање и голиот живот на новинарите.

Институциите треба да разберат дека напад на новинар во исто време е напад и врз слободата на говорот, правото на граѓаните да се информираат и демократијата воопшто.

Обврска на властите е да осигурат безбедна средина за работа на новинарите ослободен од било какви закани и притисоци.

На крај сакам да истакнам дека ние како Здружение на новинари сме подготвени да ја продолжиме соработката со сите институции во земјата за да ставиме крај на нападите на новинари и заеднички да ја подобриме нивната безбедноста и воопшто состојбата со слободата на медиумите во Македонија.

ЗНМ