ОЈО Скопје ѝ пиша на Јанева: Лажете и работите непрофесионално и неодговорно

Сподели

obvinitelstvo1

Обвинителите од Основното јавно обвинителство Скопје денеска ѝ испратија отворено писмо на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, со кое, како што велат, сакаат да го изразат своето незадоволство од нејзината работа и од „срамната непрофесионалност“ со која обвинителката ѝнаштетила на јавно-обвинителската професија.

Тие во писмото велат дека Јанева, во последното појавување во јавноста, лажела во врска со начинот на кој биле заведувани предметите од прислушуваните разговори во ОЈО Скопје и дека не било преземено ништо во врска со нив.

„Заведувањето на предметите во деловодните книги во јавното обвинителство со децении е непроменето. Секој деловоден број укажува на начинот на влезот на предметот во обвинителството (настан, од непознат сторител, малолетник и слично). Но, кон сите предмети се постапува во согласност со законот. Предметите се работат и им се дава друг деловоден број, во согласност со првичните сознанија и индиции до кои е дојдено и во согласност со насочувањето за понатамошно постапување. И Вие имате предмети кои се заведени под РО број. Посочивте дека во предметите ништо не било сработено. Тоа е лага. Јавното обвинителство, во согласност со законот, Ви предаде 35 оформени предмети кои беа работени од страна на 23 различни јавни обвинители. Дел од нив беа јавните обвинители што сега работат кај Вас. Во секој од предметите беа преземени дејства, издадени наредби, сослушани сведоци, оштетени, осомничени, прибавени податоци и документација. Дел од предметите дури беа и пред правна одлука. И ние ги работевме и сето тоа го презедовме, иако кај нас не беа доставени снимките кои Вие, еве, веќе една година, ги имате, а сработивте само неколку“, стои во отвореното писмо од ОЈО Скопје до Јанева.

Во писмото обвинителите од ОЈО Скопје ја обвинуваат Јанева дека не ги почитува правните стандарди и не го почитува јавно-обвинителскиот кодекс.

„Ве прашуваме, кој правен стандард е незаконското лишување од слобода на лице, за кое Вие јавно признавте дека било незаконско, на само час и половина? Малку незаконско дејствување, час и половина (во врска со апсењето на Едмонд Темелко, осомничен во „Титаник“, н.з.). Кажете ни, кој временски период на незаконско дејствување не се смета за незаконски? Ве прашуваме, според кои стандарди и закони, Вие давате наредба на Ваш истражител да следи и да снима лице осомничено во Ваш предмет? Дали имавте за тоа судска наредба за посебна истражна мерка? Дали Вие и Вашите „повисоки стандарди“, всушност, во правниот промет вметнуваат и правна несигурност. Би сакале да знаеме, бидејќи за нас е незамисливо да се следи и да се снима објект (сопственост на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, н.з.) или лице кое е осомничено од страна на кој било без постоење на изричита судска наредба.
Уште повеќе, дали со усна наредба од Ваша страна беше испратен и приватниот детектив, кој, исто така, вршеше следење и снимање на осомничено лице во Ваш предмет? Цените ли дека сè што од Ваша страна е направено од крајно непознавање на законите и на постапката, треба од денес да биде „повисок стандард“ по кој сите ние ќе работиме, па ќе можеме директно да испраќаме истражители за следење, снимање, заедно со приватни детективи, кај ќе стигнеме. Жално е што Вие сакате да го намалите угледот на работењето на јавното обвинителство за Вие да се истакнете како професионалец“, стои во писмото.

На крајот од писмото, обвинителите велат дека нивна и обврска на Јанева е да гонат криминал според законите и правните професионални стандарди.

„За тоа имавте можност, кога требаше, а не направивте записник од предавање на снимките. Кога требаше, а не поднесовте отчет за финансиското работење на институцијата со која раководите. Кога не смеевте, но сепак дозволивте непотизам. Кога имавте обврска, но ја заборавивте, па нарушивте права на презумија на невиност на прес-конференциите. Почитувана г-ѓа Јанева, на крајот Ве потсетуваме. Ваша обврска, како и наша обврска е да гониме криминал. Да го познаваме правото, оти во раце ни се човечки судбини. Да работиме според законите и правните професионални стандарди. А не да создаваме клима на непочитување на законите и на институциите, да водиме јавни обвинителски политички кампањи, јавно да осудуваме лица и да пресудуваме без судски процес. Ние сите сме дел од правосудниот систем, кој, меѓу другото, не спие. Само не чувствува потреба јавно да се експонира. Да ве потсетиме! Honeste vivere, alterum non laedere, suum quique tribuere !!! (Чесно живеј, не повредувај други, секому дај му што му припаѓа)“, нагласуваат обвинителите на Основното јавно обвинителство Скопје во отвореното писмо до специјалната јавна обвинителка.

meta.mk