Вести Македонија

Орав на средба со Неделкова за реформите во судството

Сподели:

Nedelkova-Orav-860x680

Реформите во судскиот систем, донесените закони и нивната имплементација, како и ИПА-проектите за судството, биле тема на разговор на средбата меѓу претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, и евроамбасадорот Аиво Орав, која се одржала во средата неделава.

Неделкова, како што информираат од Врховниот суд, на средбата ја изразила својата благодарност за досегашната соработка и за помошта од Европската Унија за повеќе проекти во судството.

„Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Лидија Неделкова, изрази благодарност за досегашната соработка, поддршка и помош преку повеќе проекти на Европската Унија во Република Македонија и истакна дека неопходно е да продолжи досегашната поддршка за судските реформи, заради обезбедување и подобрување на ефикасноста и на независноста на судството. На крај на средбата, претседателот на Врховниот суд, Лидија Неделкова, искажа благодарност за личниот ангажман на Аиво Орав и за соработката на Делегацијата на Европската комисија на Европската Унија со Врховниот суд на Република Македонија, во текот на времетраењето на неговиот мандат“, стои во соопштението од судот.

Пред две недели, односно на 23 јуни, Неделкова имаше средба и со американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли, на која било разговарано за досегашните резултати од реформите во судството.

„Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Лидија Неделкова, и амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џес Бејли, ја констатираа потребата од продолжување на реформата, но со давање приоритет во однос на измената на одредени законски решенија заради обезбедување и подобрување на ефикасноста и независноста на судството“, беше наведено во соопштението на Врховниот суд за таа средба.

Средбите на странските дипломати со преставници на судската власт доаѓаат во период кога сè почесто се зборува за потребата од формирање на специјално судско одделение што би ги процесуирало предметите на СЈО.

meta.mk

Сподели: