Вести

Павлопулос: Ветото за членство на Македонија во ЕУ не е грчка, туку европска позиција

Сподели:

prokopis-pavlopulos-860x680

Македонија мора да знае дека за да стане дел од европското семејство не смее да покажува иредентистички ставови кон друга држава, порачува грчкиот претседател Прокопис Павлопулос. Во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, Павлопулос отворено посочи дека Грција има право на вето за нашето ЕУ членство доколку македонската влада продолжи да го прекршува европското право преку иредентизам кон Грција, а скулптурите од проектот „Скопје 2014“ и целата приказна околу тоа ги нарече смешни.

– ФИРОМ сака да влезе во Европската Унија во некој момент. Зарем не знаат дека европското право ја обврзува секоја држава која ќе стане членка на европското семејство да нема иредентистички ставови кон друга затоа што тогаш го прекршува европското право – вели Павлопулос.

Според грчкиот претседател оправдани се неговите закани за вето за Македонија, бидејќи се работи за реакција на неисполнување на европските правила и право.

– Ветото, многумина ме прашуваат зошто велиш вето и им одговарам дека ова вето е вето на европска држава, која исто така ќе биде повикана да одлучи дали ќе треба Скопје да влезат во Европската Унија. Ветото е затоа што не го исполнува европското право, не е грчка позиција, туку е европска. Ние им велиме дека се додека го следите овој пат не може да имате европска перспектива – вели Павлопулос во интервјуто.

Грчкиот претседател останува на ставот дека Македонија е грчка и Грција ќе продолжи и понатаму да ја штити својата историја, без отстапки. Осврнувајќи се на историјата, во интервјуто коментира дека приказната со „Скопје 2014“ е карикатура и вели дека целиот проект со скулптурите не ја загрижува Грција.

– Луѓето ја губат секоја трошка на сериозност. Грција ја штити својата историја и историјата сама ги кажува работите како што се. Некој да ми каже дека Филип или Александар Велики имале врска со Словените…Јас не го потценувам придонесот на Словените во европската култура, но тие се дојдени многу подоцна. Ниту Филип, ниту Александар Велики имаат некаква врска со Словените – посочува грчкиот претседател.

meta.mk

Сподели: