Песна за огледалото – ЈАРОСЛАВ САЈФЕРТ

Сподели

Jaroslav_Seifert

Песна за огледалото

Само ти пеј! За што?
Пеј за што било,
што во устата се собира.
Почни веќе еднаш!

Можеш за вечерта и светилката
и за лепезата.
А ако баш си запнал,
пеј и за љубовта.

На крај за смртта
во моментот кога го пружа
своето црно огледало.
Почни веќе еднаш!

Но, добога, не ги мешај работите.
Вечерта и светилката,
љубовта со лепезата,
најпосле огледалото и смртта.

Љубовта доаѓа одвечер,
тоа го знаеш,
зачукува, влегува, ја гасне ламбата,
полна е ноќта со неа.
На разделба, зад лепезата
прошепнува: можеби.

Смртта доаѓа взори,
во огледалото е мрак.
Момент на тишина,
го слушаш својот здив
и кога ќе ја погледнеш со зазор
ти вели: не.