ПИСМО ДО ЈАВНОСТА ОД ОСНОВАЧИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ПО ПОВОД РЕФЕРЕНДУМОТ

Сподели

 

 

Почитувани,

Помина повеќе од четвртина век од независноста на Македонија. Картите кои ги држевме во рака на почетокот и со кои се гордеевме како „единствена Република која прогласи независност без војна“ избледеа, исто како и доктрината „времето работи за нас“.  Се’ уште сме надвор од големите Сојузи во овој дел на светот,  и покрај билатералните признавања од 137 земји, меѓу кои и најголемите, нашиот македонски јазик не фигурира на ниеден начин во Европската Унија. И ниедна од тие земји на меѓународен план не го користи нашето уставно име. Напротив, земји кои не’ признале со уставното име настојчиво ни’ сугерираат да се усогласиме со соседите.

Ние, потписниците на ова писмо, кои имавме среќа да учествуваме во поставувањето на темелите на нашата независна држава, следејќи ја политичката состојба во земјата спроти народното изјаснување на референдумот за зачленување на Македонија во ЕУ и НАТО  со прифаќање на Договорот со Грција – длабоко сме свесни  за историската важност на крстопатот пред кој сме исправени. Да внимаваме да не направиме грешка НИЕ САМИТЕ! Да се потсетиме која беше целта, идеалот што ги водеше нашите херои – саможртви низ историјата. Кој е аманетот што ни’ го оставија? Слободна, рамноправна и призната од сите ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА! Затоа се гордееме што се изборивме  да ни’ биде понудена и европска и евроатланска интеграција како на кредибилен партнер и сојузник. Тоа беше нашиот сон, кога во утрото на независна Rепублика Македонија се деклариравме за зачленување во НАТО и ЕУ, сметајќи дека тие интеграции го гарантираат опстојувањето и просперитетот на джавата Македонија.

Договорите со Бугарија и со Грција за Македонија значат  нејзина промоција во рамноправна сосетка и членка на НАТО и ЕУ, со регионално и меѓународно ПРИЗНАТ македонски идентитет и јазик. Тие значат поврзано национално и регионално помирување, безбеден и отворен простор за инвестиции, за соработка и комуникации.

Со тие договори Македонија од предмет на манипулација, од монета за поткусурување, се издигнува вo промотор на врвни европски вредности. Меѓународни експерти и политичари ги истакнуваат како пример за решавање на спорови меѓу држави.

Учеството и чинот на нашето изјаснување по прашањето „Дали сте за влез во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот со Грција“ на претстојниот референдум, кој ќе се одржи на 30 септември 2018 година, го сметаме за директно и природно продолжение на првиот референдум од 8-ми септември  1991 година, кога се изјаснивме за независна држава. Со тоа се довршува конечното меѓународно етаблирање на нашата татковина, Република Македонија.

Почитувани сограѓани, пријатели, следбеници, кои сакаме   да си ја видиме нашата татковина еднаш за секогаш призната како рамноправна членка на големите меѓународни сојузи:

Да излеземе СИТЕ ЗАЕДНО на 30-ти септември и да гласаме!

На  Денот на независноста,  8-ми септември 2018

 

Љубчо Георгиевски, основач, прв претседател на партијата и поранешен премиер на Владата на РМ

Гојко Јаковлевски, основач

Проф. Димитар Димитров, поранешен потпретседател на партијата, министер и амбасадор

Д-р Марија Јорданова прва претседателка на Унијата на жените

Љубе Бошкоски, поранешен министер

Проф. Горан Рафајловски, поранешен амбасадор на РМ во Германија

Инж. Љупчо Балковски, поранешен министер

Д- р Ѓулистана Марковска,  пратеник во првиот состав на Собранието на РМ

Инж. Михаил Пановски, пратеник во првиот состав на Собранието на РМ

Д-р Ден Дончев, поранешен генерален секретар на партијата

Проф. Васил Гаџовски, поранешен пратеник

Борче Сибиновски, поранешен пратеник

Инж. Александар Талески, поранешен пратеник

Ристо Јованов, пратеник во првиот состав на Собранието на РМ

Ижг.Горан Зафировски, пратеник во првиот состав на Собранието на РМ

Благоја Чкатровски, пратеник во првиот состав на Собранието на РМ

Ване Цветанов, поранешен директор на Управата за спречување перење на пари

Панте Јангелов, поранешен потпретседател на ОК Виница

Перо Гацов, поранешен член на ОК Кочани