ПЛЕНУМЦИ: СО РЕФЕРЕНДУМОТ БАРАМЕ МОРАЛНА ОБВРСКА КАЈ СЕНАТОРИТЕ ДА ЈА ПОЧИТУВААТ ВОЛЈАТА НА СТУДЕНТИТЕ

Сподели

studentski-plenum1

Првиот неофицијален студентски референдум кој ќе се одржи на 28 септември, треба да предизвика морална обврска кај Сенаторите при донесувањето на одлуката за студентското претставничко тело, велат од Студентскиот пленум. Пленумци сметаат дека Студентскиот парламент при УКИМ треба да стане дел од универзитетот, бидејќи според досегашниот статус, СПУКМ се води како невладина организација.

Двете комисии кои требаа да ги проценат условите под кои се спроведуваа студентските избори во јуни, како и формата на студентското организирање беа неуспешни, оценуваат од Пленумот. Сега, овие две прашања ќе се разгледуваат на Сенат, соопштија тие.

„Студентскиот пленум смета дека крајно нелогично е СПУКМ, кој ги претставува факултетите на државниот универзитет да биде невладина организација, а да не биде дел од универзитетот. Ние веруваме дека Студентски парламент треба да биде во склоп на универзитетот поради тоа што, покрај немилите настани, самиот универзитет и Сенат, како највисоки тела на универзитетот, не можат директно да влијаат, односно да ги санкционираат самите студентски избори“, рече Петар Барлаковски.

Неговиот колега, Борјан Ефтимов вели дека е апсурдно во време кога се зборува за високо образование ориентирано кон студентот, студентскиот глас воопшто да не биде слушнат при одлучувањето за студентско претставничко тело.

„Ние овој референдум го организираме со цел да им овозможиме на сите студенти непосредно да ја изразат својата лична волја за тоа какво студентско претставничко тело сакаат. Дали сакаат тоа да биде невладина организација, која е надвор од нивната контрола, или сакаат тоа да биде рганизациона единица во рамките на универзитетот, која ќе има сопствена автономија во одлучувањето, а од друга страна ќе бидат воспоставени и контролни механизми коишто ќе го спречат самоволието кое досега владееше во СПУКМ“, рече тој.

Ефтимов најави дека во текот на кампањата којашто ќе му претходи на референдумот, ќе се спроведат низа активности коишто ќе придонесат студентите да се информираат за студентското организирање, односно за неговата суштина, како и за моменталната ситуација која владее на УКИМ.

„Една од тие активности ќе биде и јавната дебата која ќе се случи во понеделник, на Правниот факултет, каде покрај говорниците што ја поддржуваат нашата идеја, ќе бидат поканети и говорници коишто ќе ја застапуваат идејата за студентско претставничко тело како невладина организација“, најави Ефтимов.

Барлаковски потсети дека причината поради која што го организираат овој референдум се изминатите студентски избори кои поминаа со низа нерегуларности, за на крај да бидат признаени за легитимни. За време на изборите, немаше доволно паравани за гласање, соодветни избирачки ливчиња, а завршија со физичка пресметка помеѓу студенти и специјални полициски единици пред просториите на СПУКМ. Студентскиот пленум неодамна го објави и финансискиот извештај на СПУКМ за 2014-2015 година, со кој укажаа на неконтролирано трошење на студентските пари.

Изборни места за престојниот референдум ќе има на сите 23 факултети на УКИМ, а изборните комисии со цел да се одржи транспарентност, ќе бидат составени од доброволци кои ќе можат да се пријават на јавниот повик што ќе се распише во текот на викендот.