Поддршка од 37,5 милиони евра од ЕУ за вработување, образование и социјална инклузија

Сподели

Европската унија обезбедува 37,5 милиони евра за унапредување на состојбите во секторите вработување, образование и социјална инклузија, најави денеска во Скопје еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, промовирајќи го почетокот на кампањата „Веруваме во тебе, вложуваме во тебе, ЕУ за тебе“.

Кампањата се однесува на трите поддржани сектори, финансирани од ИПА Оперативната програма за човечки ресурси 2007-2013.

– Во земјава досега бев многу пати за да помогнам во справување со политичката криза, но во моментов сум особено задоволен што сега можеме нашето внимание да го тргнеме од кризни прашања и да се посветиме на активности, кои се насочени кон иднината. Постепено се враќаме во нормала. Ова е мошне добро за земјата, бидејќи сега може да се фокусира на посуштински работи, а тоа подразбира да се работи во служба за граѓаните, да им се овозможи да се квалифицираат, да се вработат – нагласи Хан.

Тој и изрази благодарност на Владата поради соработката во оваа сфера, но им се заблагодари и на невладините организации, напоменувајќи дека тие всушност се мошне важни за едно општество да биде витално и активно.

Хан додаде дека со оваа кампања всушност ЕУ покажува дека има цврста верба во иднината на Македонија, а со неа освен што ќе им се помогне на луѓето во земјава, ќе се спречи и одливот на мозоци во другите делови во Унијата.

Во рамките на кампањата, Хан ја посети Агенцијата за вработување, се возеше со автобусот на ЕУ и им се обрати на корисниците во рамките на проектот „Поддршка на вработувањето на младите“ спроведен од Агенцијата за вработување.

Почетокот на кампањата беше означен во ЕУ Инфо центарот, каде освен Хан, обраќања имаа и амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министрите за труд и социјална политика и за финансии Мила Царовска и Драган Тевдовски.