Колумна Текстови

Поделбата на општеството на „про-западно“ и „про-источно“ – Џелал НЕЗИРИ

Македонија, нејзините институции и факторите кои го одредуваат политичкиот курс во земјата несомнено треба да го задржат овој курс, не заради западот или истокот, туку затоа што оваа обединувачка ориентација за сите партиски, етнички или религиозни групи е единствениот начин кој гарантира мир и развој.

 

Џелал Незири

Република Македонија поминува низ најважната фаза од нејзиниот развој како држава. За првпат се соочува со криза што ја претвори земјата во арена на геополитички и геостратешки судири на глобалните и регионални сили. Кризата станува уште понепредвидлива кога имаме предвид дека ова ривалство на големите сили, кое сега е присутно во Сирија и Украина, се заострува и на Балканот.

Се настојува влијанието на Русија во регионов да се сочува преку задржувањето подалеку од интеграцијата во НАТО на земјите од европскиот полуостров. Поранешниот руски амбасадор во Скопје, Олег Шчербак, во март оваа година, изјави дека ако Македонија се интегрира во НАТО, тогаш ќе биде легитимна цел за Русија, доколку се случи војна меѓу истокот и западот. И рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го предупреди западот дека проширувањето на НАТО со членството на Македонија ќе се сфати како провокација за Русија. Од друга страна, официјален Вашингтон и Брисел се загрижени од континуираниот раст на руското влијание на Балканот. Во јуни 2017 година НАТО ја прифати 29 членка – Црна Гора, додека прави напори да го поттикне и процесот на интеграција на Македонија во 2019. Медиумите објавија дека членството на Црна Гора беше ризичен процес откако Москва го имаше поддржано обидот за државен удар.

Ризичното финале

Потпишувањето на Преспанскиот договор на 17-ти јуни беше дочекано со ентузијазам во Брисел, но со многу резерви и сомневања во Скопје и Атина. Од почетокот на преговорите меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, се виде дека 27-годишниот спор меѓу двете соседни земји оди кон големото финале. Колку повеќе се доближуваше моментот на постигнување на историскиот договор, толку повеќе ривалството меѓу западот и Русија се појавуваше во различни форми во Македонија и во Грција. Сега, кога две третини од гласовите се обезбедија во македонското Собрание и се одржува нестабилно мнозинство во Грција, заживувањето на Преспанскиот договор се чини поблиску од кога било. На 19 октомври парламентарното мнозинство во Македонија одвај успеа да ги „убеди“ 8 пратеници од опозицијата за да ја поддржат потребата од отворање на Уставот, кое бара двотретинско мнозинство, или најмалку 80 пратеници. Но, ништо не е сигурно до јануари, кога и се очекува да се заокружи процесот на менување на Уставот во Македонија и гласањето во Грција, при што ќе се заокружи најголемиот дел од спроведувањето на Договорот. Антагонизмот Русија-Запад ќе биде присутен и во оваа завршна фаза, со што крајот на годината станува уште поризичен.

Во текот на овој процес, акцентот се става на геополитичките ориентации или преференци на политичките партии, организации или јавни личности. Ако во текот на изминатите пет години македонското општество беше поделено на „патриоти“ и „предавници“, сега оваа поделба станува нова форма – на „прозападни“ и „проруски“. Дури и во албанскиот политички блок постојат „геополитички искри“ во односите помеѓу партиите. И покрај тоа што анкетите покажуваат дека огромното мнозинство етнички Албанци имаат прозападна определба, сепак, во јавниот дискурс се засилуваат сомнежите околу вредностите што ги промовира западот и се претпочитува некаква блискост со Турција или Иран, како две регионални сили со најголемо влијание и на Балканот.

Оваа релативно нова поделба во македонското „про-источно“ и „про-западно“ општество промовира еден нов вид на антагонизам, кој досега беше многу малку присутен и речиси безопасен. Најсериозните судири во историјата на Македонија се етнички или политички, но се надминати благодарение на поголемата автономија на политичките фактори во донесувањето одлуки.

Podelbata na opstestvoto na pro zapadno i pro istocno onevozmozuva argumentirana debata za NATO efektotИзвор: Russia Beyond

Дали вреди интеграцијата во НАТО?

Сега, дебатата се води околу тоа какви придобивки може да има западот од интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ или што може да добие истокот ако Македонија и регионот не станат дел од овие структури. Судирот меѓу приврзаниците на западот и истокот повеќе изгледа како навивање на ривалски фудбалски екипи, отколку суштинска дебата за иднината на земјата и нејзините граѓани. Овој судир изгледа уште поапсурден, со оглед на фактот дека интеграцијата во евроатлантските структури е без алтернатива. Евроазиската унија, која Москва ја промовира како алтернатива, веќе некое време не функционира. Нестабилниот политички систем во земјите што гравитираат во оваа Унија, а кој зависи од силната тупаница на автократските лидери, ја претвора евентуалната стратешка ориентација кон оваа структура како опасна авантура со големи последици.

Во сета оваа бучава што произлегува од финализирањето на процесот на интеграција на Македонија најпрво во НАТО, по се изгледа дека недостасува клучна, разумна и аргументирана дебата која треба да биде во интерес на сите граѓани. Оваа дебата нема да настојува да покаже што добиваат или губат геополитичките центри со интеграцијата во Северноатлантската алијанса, но ќе одговори на прашањето што добива Македонија ако стане 30-та членка на оваа структура.

НАТО, не само како воен туку и политички сојуз, не само што ја гарантира безбедноста на неговите членки, туку промовира и негување на демократските вредности, борба против криминалот и корупцијата, независно функционирање на судството, финансиска стабилност, ефективност во јавните расходи, економски раст и директни странски инвестиции. Овие елементи го сочинуваат т.н. „НАТО-ефект“, кој го имаат вкусено источноевропските и балканските земји, кои повеќе од 10 години се членки на оваа структура. Албанија доби статус на земја-членка во 2008 година и оттогаш странските инвестиции тројно се зголемија, додека бројот на вработени се зголеми од 900 илјади на скоро 1.15 милиони. Минималната плата во 2008 година во оваа земја изнесувала 16 илјади леки, или околу 120 евра, додека во 2018 година достигнала 24 илјади леки или околу 200 евра. Додека просечната плата во 2008 година изнесуваше 36 илјади леки, или околу 300 евра, десет години по членството во НАТО таа е близу 60 илјади леки или 500 евра. Во 2008 година, Албанија евидентирала директни странски инвестиции во вредност од 150 милиони евра, во 2009 година достигнуваат 350 милиони евра, а до 2018 година, секоја година во оваа земја влегле во просек по 250 милиони евра директни инвестиции од надвор.

И Бугарија исто така доживеа елан во економскиот развој од 2004 година, кога стана членка на НАТО. Бруто домашниот производ (БДП) по глава на жител во годината на членство беше некаде над 5.000 американски долари, додека во 2018 година достигна над 8.000 американски долари. Пред зачленувањето, просечната плата во оваа земја беше близу 300 бугарски лева или 150 евра, додека во 2018 година таа бројка достигна речиси 1200 лева или 600 евра.

Се разбира, НАТО не може со магично стапче да ги реши сите проблеми на новите земји-членки, но создава добра основа за развој. Овие придобивки од членството во овој одржлив воено-политички систем беа земени предвид во 1993 година, кога парламентот гласаше за одлуката за членство на Македонија во НАТО. Оттогаш, интеграцијата во евроатлантските структури повеќе се смета за стратешка ориентација која носи придобивки за граѓаните на Македонија, отколку како заземање страна во историското несогласување меѓу Истокот и Западот. Македонија, нејзините институции и факторите кои го одредуваат политичкиот курс во земјата несомнено треба да го задржат овој курс, не заради Западот или Истокот, туку затоа што оваа обединувачка ориентација за сите партиски, етнички или религиозни групи е единствениот начин кој гарантира мир и развој.

respublika.edu.mk

Сподели: