Колумна Текстови

ПОЛИТИЧКОТО САМОУБИСТВО НА УНГАРСКИОТ АЗИЛАНТ – Георги АЈАНОВСКИ

Има една изрека која вели, дека во секое лошо има и по нешто добро. Па така, по шокот доживеан од скандолозното бегство на бившиот премиер од земјата, како еден вид утеха за правниот и безбeдносен јавашлук што го овозможи тој чин, се дојде до согледба дека неговото заминување на некој начин придонело низа пропусти во примената на законите да бидат отстранети или корегирани. Во таа насока беа активирани повеќе судски мерки кои што спречија повеќемина негови соучесници, осомничени за најтешки кривични дела, да тргнат по неговиот пример и да го одбегнат судот на правдата.

Истовремено, привидната монолитност на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, силно приврзана за ликот и делото на Груевски претрпе сериозни внатрешни потреси при што голем број негови довчерашни најблиски соработници излегоа со јавна осуда на погубната политика што ја водел, со лични покајанија за нејзиното слепо следење и спроведување но, и длабоко огорчени што биле предадени и жртвувани од неговиот кукавички пребег и привремен спас. Исто така, врз основа на проширените истражни и судски постапки беа утврдени нови битни елементи за одговорноста на секој од учесниците во насилниот упад во македонскиот парламент, почнувајќи од заведените и изманипулирани демонстранти, до директните извршители на физички насилства, заклучно со главните инспиратори и организатори на терористичкиот акт, веќе јасно лоцирани во кабинетите на бившиот премиер и актуелниот шеф на државата каде што најверојатно биле планирани и насочувани активности за изведба на државен преврат.

Според тоа, во низата безумни постапки што доведоа до вртоглавиот политички пад на Груевски, унгарскиот егзил може да се оцени како последна, завршна епизода во неговата неславна кариера, самиот пресудувајќи си за бројните злодела што му беа ставени на товар. Макар што и дотогаш беше сведен на почесна партиска фигура принудена во придружба на сурија адвокати секојдневно да талка по судските коридори во очајнички обид да куртули од доживотен затвор.

Но, ако се потсетиме, неговиот почетен дебакл се случи пред четири години, дента кога тогашниот опозициски лидер Зоран Заев “наоружан со бомби” од компромитирачки телефонски снимки за криминалите на владејачката тајфа пристигна во владиниот кабинет со едноставна “џентлменска понуда”: Груевски да се повлече од премиерската должност, да се формира привремена техничка влада со единствен мандат да организира слободни демократски избори, ослободени од принудата и махинациите на тогашниот режим, а за возврат снимките да бидат повлечени од увидот на јавноста. Блиски луѓе на Заев подоцна тврдеа дека таков чекор бил преземен по наговор на меѓународниот фактор кој што стравувал дека нивното објавување би можело да предизвика сериозни политички и безбедносни бранувања, особено во доменот на меѓуетничките односи.

Меѓутоа, уверен во својата огромна политичка надмоќ што ја имаше, понесен од нескротливата страст за неограничено владеење, надоврзано со погрешните толкувања на своите правни советници, дека споменатите снимки немаат никаква судска важност, бидејќи биле прибавено на незаконит начин, Груевски без многу размислување ги отфрли предлозите на Заев, обвинувајќи го за соработка со тајни странски служби со цел да изнуди антиуставна промена на власта.

Настаните што потоа следеа ќе покажат дека со тој непромислен потег Груевски фактички го отвори процесот на сопствената детронизација што резултираше со целосен распад на авторитарниот систем кој темелно го градеше повеќе од една деценија.

Од денешен аспект тешко може да се претпостави што ќе се случеше, во кој правец и во какви констелации ќе се одвиваа политичките процеси во земјата, каде ќе беа насочени нејзините меѓународни релации, врз кои идентитетски основи ќе се градеше националната свест, доколку тој ја прифатеше спогодбата со Заев и излезеше на избори поштеден од екотот на “бомбите” што му беа обесени на вратот. Дали јавноста некогаш ќе дознаеше за обемот на извршените изборни фалсификати, за кинеските тендери и израелските зделки, за функционирањето на “сваровското” судство и за многу други сведоштва кои го покажуваа мафијашкиот профил на едно тоталитарно владеење кое што можеби уште долго време самото ќе се славеше како продемократско, чесно и благодетно за неговото граѓанство.

Ќе имаше ли воопшто Пржински договори, наоди на Прибе, Специјално Јавно Обвинителство, Шарена револуција или можеби едноставно Македонија ќе продолжеше да живее во увереноста дека е мајка и центар на светот, со ненадмината античка слава, економски силна да не зависи од никого, без неопходност од меѓународна соработка и добрососедски односи, со власт која што перманентно осуетува мрачни странски сценарија и заговори, поддржани од разни домашни платеници,  национални предавници, проевропски пропагатори на некакви си човекови права, демократски слободи и граѓански еднаквости, насочени кон разнебитување на државата која што истата таа власт немилосрдно ја ограбуваше и туркаше во пропаст!   

Сподели: